Нова технологија: Литиум за батериите на електричните автомобили ќе се добива од морската вода!?
Методот користен од истражувачите на INM во Сарбрикен сè уште е во почетен развој, но ветува
Без литиум нема батерии, а без батерии нема индустрија за електрични автомобили. Рудниците за литиум се претежно контролирани од Кина и бараат производство кое не е премногу засегнато со екологијата. Но, се чини дека има и други извори. Научен тим од Сарбрикен, Германија, развил процес за екстракција на литиум од морската вода. Новиот пристап на истражувачкиот тим од Институтот за нови материјали Лајбниц (INM) во Сарбрикен се потпира на модифицирана батерија за филтрирање на вредните соли од морската вода. Според трудот, објавен од Американското хемиско друштво, процесот треба да биде особено нискоенергетски, а во исто време и многу исплатлив.
Научниците додале две дополнителни комори за новиот метод, во кој течните електролити се испуштаат и полнат преку процесите на оксидација и редукција. Во нив морската вода се пумпа преку керамички мембрани. Во таков циклус, течноста во единицата за складирање енергија се повеќе се збогатува со јони на литиум. Во следниот чекор, од овие јони се добиваат литиумските соли потребни за батериите на електричните автомобили. Со овој метод се постигнува чистота од 93,5 проценти.
Методот користен од истражувачите на INM во Сарбрикен сè уште е во почетен развој, но ветува. Тестовите во мала пилот-постројка покажуваат дека еден квадратен метар од уредот може да извлече околу 18 килограми литиум од морската вода во рок од една година. Имајќи предвид дека конвенционалната автомобилска батерија содржи околу 13,5 килограми литиум, ова е прилично скромна количина. Постројката би требало значително да се прошири и модифицира, што би било вредно со оглед на тоа што на Земјата има доволно морска вода.