Продолжува скандалот со мамење во однос на емисиите од дизел мотори во САД, а нова улога во „серијалот“ има Ford Motor Company

Сопствениците на F-250 и F-350 Super Duty ја тужат компанијата Dirborne за користење на лажен софтвер на федералните тестови за емисии на гасови.

Тие тврдат дека нивните возила за време на нормално возење емитуваат двојно повеќе емисии на честички од дозволеното ниво, а во одредени околности, дури и 50 пати повеќе.

Сопствениците бараат надоместок бидејќи за нивните возила со дизел мотор платиле околу 8.400 долари повеќе од истите модели со бензински погон.

Покрај Ford, на обвинителна клупа е и германскиот снабдувач со авто делови Bosch, кој е обвинет дека и помогнал на американската компанија да го инсталира овој софтвер.

Bosch минатата година се согласи да плати на сопствениците на Volkswagen автомобили во САД речиси 330 милиони долари, бидејќи и тој учествувал со компанијата од Волфсбург во мамењето со емисиите од дизел мотори во 2015 година, кога започна Дизелгејт аферата.

Сопствениците на Ford камионети ги застапува правната фирма Hagens Berman, која минатата година поднесе тужба против General Motors и Fiat Chrysler како и производителот на мотори Cummins, во име на сопствениците на овие возила, исто така за мамење на тестовите за емисии.