Audi официјално го претстави новиот компактен кросовер со спортска линија

Audi Q3 Sportback, за кој првично се шпекулираше дека ќе ја носи ознаката Q4, е базиран на стандардниот компактен SUV модел Q3, од кој се разликува по поагресивната предница, купе линијата на кровот и понагласените страници.

Поради сето ова, автомобилот има подинамичен и поспортски изглед, па сигурно ќе биде привлечен особено за помладата целна група на клиенти. Задниот спојлер на задната врата како и дифузерот на долниот дел од браникот дополнително придонесуваат за спортскиот изглед.

Внатрешноста е речиси ископирана од Audi Q3. Пред возачот се наоѓа 10,25-инчна дигитална инструмент табла, додека централниот, 10,1-инчен екран служи за управување со мултимедијалниот систем. Тука е и „засечениот“0 спортски управувач, а контролната табла изобилува со декоративни метални детали.

Задните седишта може да се помесуваат напред-назад до 130 mm, со што по потреба се зголемува багажниот простор или просторот за нозете на патниците на задната клупа. Кога станува збор за багажникот, неговиот волумен е 530 литри, а може да се зголеми до максимум 1.400 литри.

Опционално е достапна и поголема 12,3-инчна дигитална табла, систем за отворање на задната врата со движење на нога, спортски седишта со контрастна боја, амбиентална светлина со избор од 30 нијанси на боја …

Моторната гама првично ќе се состои од две погонски единици – еден бензински и еден дизел мотор. Дизел верзија Q3 Sportback 35 TDI S-tronic ќе користи 4-цилиндерски 2.0 TDI со 150 КС (110 KW) и 340 Nm.

Моторот е поврзан со 7-степен автоматски менувач со двојна спојка, а моќта се пренесува на предните тркала. Од 0 до 100 km/h овој автомобил забрзува за 9,3 секунди, додека максималната брзина е 205 km/h.

За оние кои ќе се одлучат за бензинската верзија ќе добијат Q3 Sportback 45 TFSI quattro S-tronic. Под хаубата се наоѓа 2.0 TFSI турбобензинец со 230 КС (169 kW) и 350 Nm. Преносот исто така е автоматски со двојна спојка и седум степени на пренос, а погонот е на сите тркала. Верзијата со рачниот менувач доаѓа подоцна. Q3 Sportback 45 TFSI до стотка стигнува за 6.5 секунди и развива максимум 233 km/h.

Од Audi велат дека подоцна ќе понудат проширување на моторната гама со основен бензинец, 4-цилиндерски 1.5 TFSI мотор со 150 КС (110 kW), потпомогнат од 48-волтен „благ“ хибриден систем, како и уште еден помоќен дизел мотор.

ФОТО ГАЛЕРИЈА

[useyourdrive dir=”1YslR3j0U7XcYVgrl1jE0qBCJEZBTWC4p” mode=”gallery” viewrole=”administrator|editor|author|contributor|subscriber|guest” downloadrole=”all” showfolders=”0″ showsharelink=”1″ showrefreshbutton=”0″ search=”0″ showbreadcrumb=”0″]

Audi Q3 Sportback во Европа на есен, а почетната цена за 35 TDI S-tronic ќе биде 40.200 евра во Германија, додека 45 TFSI quattro S-tronic ќе чини 46.200 евра.