Крајот на маките на производителите на автомобили не е на повидок

Како што стојат работите, претходната и тековната година долго ќе се паметат во историјата на автомобилската индустрија. Минатата година, корона пандемијата го осакати светскиот автомобилски пазар, а оваа година закрепнувањето значително е забавено од кризата предизвикана од хроничен недостиг на полупроводници и микрочипови.

Новиот „круг“ на пауза во производство, претежно се однесува на брендови со потекло од Јапонија. Nissan потврди дека неговата фабрика нема да работи три дена во текот на јуни, производството на некои модели во Мексико е ограничено, а најавено е намалување на производствениот капацитет и на други погони во Јапонија. „Nissan се обидува да се прилагоди на состојбата на пазарот“, се вели во официјалното соопштение на јапонската марка.

Истото се случува и со Suzuki, каде се одлучиле на запирање на производствените погони од три до девет дена. Од Suzuki исто така најавуваat дека активно бараат решение за недостигот на полупроводници и микрочипови.

Трета марка која потврди дека ќе ја затвори својата фабрика на неколку дена е Mitsusbishi. Марката наведува дека ќе мора да го прилагоди производството во дури пет фабрики лоцирани во Јапонија, Индонезија и Тајланд. Mitsubishi очекува дека овие мерки ќе влијаат на производството на околу 30.000 возила, како и дека бројот на инсталирани единици во вториот квартал од оваа година ќе биде драстично помал од очекуваниот.

Засега останува мистерија кога ќе се нормализира снабдувањето со микрочипови и полупроводници. Кинескиот гигант Xiaomi, кој неодамна го потврди својот влез во автомобилската индустрија, наведува дека очекува подобрување во оваа област дури во 2022 година.