Најмоќниот Golf на сите времиња не е најбрзиот Golf на Нирбургринг. Сепак, еден рекорд е соборен / ВИДЕО
Изданието Volkswagen Golf R 20 Years со 333 КС беше претставено по повод 20 години од првиот Golf R, моделот R32
Моќната Volkswagen Golf R 20 Years едиција, која беше претставена во мај оваа година, сега и на патеката потврди дека е најбрзиот Volkswagen R на сите времиња. На легендарниот Нирбургринг овој болид еден круг го извозил за 7:47,31 минути со што е подобрено времето на класичниот Golf R за околу четири секунди.
Иако е соборен интерен рекорд, изданието Golf R 20 Years не е најбрзиот Golf што некогаш се возел на оваа патека. Рекордот сè уште го држи спартанскиот Golf GTI Clubsport S, чие време е за 12 стотинки побрзо и поставено во 2016 година. Ако се знае дека GTI е забележливо полесен, нема ни задна клупа, времето постигнато со новиот R е уште поимпресивно.
Сепак, рекордот за автомобили со погон на предните тркала е сè уште неостварлив за Golf. Апсолутен рекордер на Нирбургринг останува Honda Civic Type R, која круг на патеката уште во 2017 година има завртено за 7:43:80 минути.
Изданието Volkswagen Golf R 20 Years беше претставено по повод 20 години од првиот Golf R, моделот R32. Зад воланот на моделот кој го соборил интерниот рекорд бил тест-возачот на VW, Бенџамин Леучтер. Автомобилот постигнал максимална брзина од 265 km/h на одредени делови од патеката.
„Можам да се тркам на Нирбургринг со овој автомобил, а потоа да одам во пекара или во самопослуга. Овој болид е навистина сестран и може се“, го опишува Леучтер автомобилот, сакајќи да нагласи дека автомобилот е идеален за секојдневниот живот, но и моќен на патека.
Актуелниот Golf R нема V6 мотор како моделот од пред 20 години, но неговиот 2.0 TSI е исклучително моќен. Специјалната верзија 20 Years edition располага со 333 КС, што е за 13 КС повеќе од „обичниот“ Golf R. Тој е и најмоќниот Golf во историјата. Од 0 до 100 km/h забрзува за само 4,6 секунди, а максималната брзина е електронски ограничена на 270 km/h. Ќе бидат произведени ограничен број единици.