Audi Sport изненади со откривањето на својот концепт, заедно со официјалната најава за развој на хибриден погон

Минатиот мај, VW Group потврди дека и Audi и Porsche ќе се приклучат на Formula 1 шампионатот искористувајќи ја претстојната промена на регулативата за сезоната 2026 година, но секако не се очекуваше да видиме визуелни елементи во толку рана фаза. Сепак, Audi Sport изненади и го откри својот концепт, заедно со официјалното соопштение за развој на хибриден погон. Audi до крајот на годината ќе открие со кој Formula 1 тим ќе се натпреварува.

Концептниот болид е обоен во боите на Audi Sport (црвена, црна, сребрена и бела) со амблем со четири прстени на задното крило во облик на лебедов врат. Обемниот аеродинамичен комплет изгледа слично на болидите од тековната сезона со уредно интегриран ореол и гуми на Pirelli.

Според описот, „прикажаното возило е концептно возило кое не е достапно како сериски модел“. Уште поважно, најавата на Audi вклучува неколку нови информации за влегувањето во Formula 1. Новиот хибриден погон за тркачкиот болид на Audi Spot ќе се развива во фабриката во Нојбург ан дер Донау, Германија, во близина на седиштето во Инголштад.

Поранешниот инженер на FIA, Адам Бејкер, ќе биде извршен директор на новиот проект на Audi во Formula 1. Како што открива Оливер Хофман, член на одборот одговорен за технички развој, ќе има тесна врска помеѓу Formula 1 проектот и одделот за технички развој на Audi AG, што ќе „овозможи синергии“.

Освен што многу се потпира на електрификацијата, новиот погон ќе користи и одржливи горива, a Formula 1 ќе стане јаглеродно неутрален спорт до 2030 година. Автомобилот ќе се придвижува со електричен мотор, батерии, контролна електроника и 1,6-литарски турбо мотор. Моторот со внатрешно согорување ќе произведува близу 544 КС (400 kW), а електромоторот ќе биде „речиси исто толку моќен“.