Најмоќниот европски пазар на автомобили преполовен во мај
Во Германија продажбата на нови автомобили во мај бележи пад на продажбата од дури 51,5%
Автомобилската индустрија се бори да ја надмине кризата предизвикана од пандемијата на коронавирус, но се чини дека закрепнувањето ќе биде многу бавно.
Примерот на Германија, која се смета за најмоќен европски пазар на автомобили, но и земја со најмоќна автомобилска индустрија, покажува колку оваа гранка на индустријата е во длабока криза.
Иако изложбените салони беа отворени уште на 20 април, на купувачите очигледно не им се брза со инвестиции во ново возило. Во мај се продадени 150.597 нови автомобили, што претставува пад од 51,5 проценти во однос на мај 2019 година, пишува focus2move.com.
Сепак, падот е нешто помал ако се гледа на вкупната бројка за првите пет месеци од 2020 година, благодарение на солидниот почеток на годината, пред избувнувањето на пандемијата и изнесува -35,6% (испорачани 912.463 возила).
Најголем пад на продажбата во Германија во мај забележале BMW и SEAT (над 60%), додека на другата страна од листата е Renault со пад од „само“ 35,6%.
За потсетување, падот на продажбата на автомобили во Германија беше најголем во април 2020 година и изнесуваше 61%.