Хакерски упад го запре бизнисот со споделување автомобили во Чикаго

Минатото лето во Чикаго стартуваше со работа услугата Car2Go или споделување на автомобили, а компанија која ја дава услугата бизнисот го започна со флота од 400 автомобили од марките Smart и Mercedes. Целиот бизнис функционирал добро, но се до неодамна, кога апликацијата преку која функционира услугата била пробиена и од компанијата биле украдени 100 автомобили. Како што соопштува CBS Chicago, засега сеуште не е сосема јасно како точно била пробиена заштитата на апликацијата на Car2Go за да се воспостави контрола над дел од автомобилите на компанијата, од кои дел биле користени за извршување на други криминални дејствија

Во рамките на Чикаго, компанијата има утврдено површина со големина 29 квадратни миљи, каде што автомобилите треба да бидат оставени по нивната употреба, иако клиентите на Car2Go не се ограничени секогаш да мораат возилото по употреба да го остават токму таму.

Флотата на автомобили на Car2Go прво била полнета со малите градски автомобили Smart ForTwo, за потоа во флотата да бидат приклучени и поголемите Mercedes CLA / GLA. Сега, поради кражбата, компанијата го замрзнала целиот бизнис во Чикаго и најавила дека целосно ќе соработува во истрагата за криминал.

Засега е потврдено дека крадците не успеале да дојдат до лични податоци или други информации поврзани со клиентите на компанијата.

Од CBS Chicago соопштија дека до моментов полицијата во Чикаго од слобода лишила 12 лица во врска со истрагата за кражбата на автомобили од Car2Go која сеуште не е завршена.