Славниот новинар ги избра своите омилени возила во две категории – суперавтомобил и народен модел

Новинарот и водител на The Grand Tour – Џереми Кларксон, ги избра најдобрите автомобили во рамките на британскиот национален конкурс News UK Motor Awards. Како и претходно, Кларксон посочи кои модели треба да победат во обете категории – најдобар суперавтомобил (SuperCar of the Year) и најдобриот „народен“ автомобил (People’s Car of the Year).

Според Кларксон, титулата „најдобар суперавтомобил“ или поточно „спортски автомобил на годината“ заслужува да ја добие Eagle Lightweight GT. Ова е реплика на тркачкиот Jaguar E-Type, изграден на агрегатите на првата генерација на моделот. Ретро купето има алуминиумско тело, направено рачно, и се разликува минимално од оригиналното.

Сепак, новата верзија е многу помоќна, бидејќи под хаубата е поставен реден 6-цилиндерски мотор со зафатнина од 4,7 литри, кој развива 385 КС и 508 Nm. Оригиналниот Lightweight E-Type се придвижува со 3.8-литарски мотор со 300 КС.

Вториот автомобил, избран од Кларксон за победник во категоријата „народен“ автомобил, е исто толку егзотичен и повторно е британски.

Станува збор за hot hatch моделот MINI John Cooper Works GP, од кој се произведени само 3000 единици. JCW GP се потпира на 4-цилиндерски M Performance турбо мотор кој развива 306 КС и овозможува забрзување од 0 до 100 km/h за 5,2 секунди. Верзијата GP се разликува од вообичаената MINI JCW по тоа што има само 2 места за патници.

Автомобилите споменати од Кларксон оваа година се значително поразлични од оние што ги избра пред една година. Кларксон тогаш го именуваше Ferrari 488 Pista како „суперавтомобил за 2019 година“, а за „народен“ автомобил неговиот избор падна на Bentley Continental GT V8, кој се напојува со битурбо V8 со зафатнина од 4-литри и 550 КС.