Рестилизираниот кросовер на пазарот ќе се појави на почетокот од следната година

Малиот кросовер со погон на предните тркала Opel Crossland, кој на почетокот од 2017 година дојде како замена за компактниот ван Meriva, помина низ очлекуваната рестилизација. Ажурираниот модел пристигнува на почетокот од 2021 година.

Како и новата Mokka, така и Crossland, остана без суфиксот X во своето име, а новото „лице“ на Opel – Vizor, по Mokka го гледаме и кај овој модел. Решетката на ладилникот и предниот браник се целосно редизајнирани, додека промените во задниот дел се нешто подискретни и вклучуваат нова ознака за автомобилот која е поставена централно, над регистарската табличка.

Рестилизираниот Opel Crossland добил и затемнети задни светла, LED светла за магла, хромирани прагови и нови тркала од 16 и 17 инчи. За клиентите ќе биде достапна и верзија GS Line+ со црно-црвени акценти и ергономски предни седишта со ARG сертификат. Задниот ред може да се помести 15 cm понапред, а во зависност од конфигурацијата, волуменот на багажникот варира од 410 до 1.255 литри.

Crossland за 2021 година е опремен со новиот IntelliGrip систем со пет предефинирани режими на возење: Normal, Snow, Mud, Sand и ESP Off. Од компанијата велат дека секој од режимите обезбедува оптимално прилепување на тркалата за подлогата, прилагодено на видот на површината на патот и временските услови.

Во зависност од нивото на опрема, Crossland ќе биде достапен со еден од трите мултимедијални системи – Radio BT, Multimedia Radio или Multimedia Navi Pro. Предвидени се и дигиталните услуги OpelConnect, како и безжичен полнач за паметни телефони.

Опциите за моделот вклучуваат и Head-up дисплеј, систем за итно сопирање со функција за препознавање пешаци, задна камера, асистент за паркирање, систем за следење на „слепите“ зони, систем за следење на состојбата на возачот и прилагодлив темпомат.

Засега, Opel не објави никакви промени кога станува збор за гамата на мотори. Актуелниот Crossland X, чиј најблизок „роднина“ е претходната генерација на Peugeot 2008, е достапен со 3-цилиндерски бензински 1.2 мотори со 83, 110 и 130 КС, како и со 4-цилиндерски 1.5 дизели со 102 и 120 КС.

Во зависност од погонската единица, достапен е 6-степен мануелен менувач или 6-степен автоматик. Моќта сè уште се пренесува исклучиво на предните тркала, без оглед на пакетот на опрема и типот на моторот.