Volvo дефинитивно воведе фабричко ограничување на максималната брзина за сите нови модели

 

Она што го најави минатата година, Volvo започна да го применува – максималната брзина на сите модели кои ќе излезат од производните линии ќе биде ограничена на 180 km/h. Покрај тоа, шведската марка воведува апликација преку која самите сопственици брзината ќе можат да ја ограничат на уште помала бројка.

Во моментов во понудата на Volvo има неколку модели со електронски лимит од 250 km/h, стандард кој најмногу го применуваат германските марки. Сепак, отсега сите нови автомобили на Volvo ќе имаат построгo ограничувања од 180 km-h. Мерката, која првично беше објавена на почетокот од месец март минатата година, сега официјално стапи во сила и ќе важи за целата линија на нови модели на шведскиот производител на автомобили.

Покрај тоа, сите нови Volvo возила ќе понудат опција Care Key, што им овозможува на сопствениците да програмираат дополнителни ограничувања за максимална брзина. Оваа функција може да биде особено корисна кога помладите членови на семејството или неискусните возачи се зад воланот. Ограничувањето на брзината е можно да се спушти до 50 km/h.

Во теорија, ограничувањето на брзината не би требало да претставува проблем за продажбата на брендот во сопственост на Geely, со оглед дека има многу малку места во светот каде можете да возите побрзо од дадениот лимит, без да го прекршите законот (на одредени делници низ Германија). 

Иако одлуката на Volvo нема да биде проблем за возачите кои се придржуваат кон законите, сосема друга е приказната кога станува збор за сопственици кои сакаат да го тестираат својот автомобил до максимални граници, на тркачка патека на пример. Ова веќе го поставува прашањето за „демократските права“ на сопствениците на нов автомобил на Volvo. Се разбира, не се случува секој ден сопствениците на S60 T5, на пример, да возат над 180 km/h по „локални тркачки патеки“, но признаваат дека нивната одлука е малку контроверзна.

„Насекаде се зборува дека големата брзина е главна причина за сообраќајни незгоди, но никој не прави ништо конкретно во врска со тоа. Volvo одлучи да направи нешто и да постави електронско ограничување на брзината за сите свои модели. Брзината од 180 km/h сè уште е голема брзина, но е значително побезбедна од претходната граница од 250 km/h“, вели Мален Ехолм, шеф на центарот за безбедност на Volvo.

Кога станува збор за заштита на потрошувачите, постои став дека ограничувањето сега го спречува клиентот целосно да го искористи потенцијалот на производот што го поседува. Како и да е, како што истакнуваат од Volvo, ограничувањето на максималната брзина на 180 km/h е направено пред се за да се намали ризикот од несреќа поради преголема брзина и е во согласност со законските норми во повеќето земји и на никој не му паѓа на памет да се жали врз основа на теоријата за заштита на потрошувачите.

Покрај ограничувањата на брзината и апликацијата Care Key кои од сега ќе се имплементираат во сите нови модели на Volvo, компанијата најави работа на технологија која ќе се обиде да го спречи или намали ризикот од други причини за несреќи, како што е консумирањето на алкохол кога се вози.