MotoGP: Втора последователна победа за Хорхе Лоренцо
Шпанецот Хорхе Лоренцо е големиот победник на трката за ГН на Каталонија во Барселона, седма трка од овогодинешниот MotoGP шампионат
По победата во Муџело, Шпанецот Хорџе Лоренцо на Ducati ја освои и првата пол позиција за италијанскиот тим, за на крајот од викендот да освои и нови максимални 25 поени со победата на Каталуња. Втор беше неуморниот Марк Маркез, кој во последните кругови ја загуби брзината, но успеа да се одржи пред Докторот, Валентино Роси.
За Хорхе Лоренцо ова беше петта победа во MotoGP класата на патеката Каталуња, втора последователна оваа сезона
Токму Маркез најдобро стартуваше и ја поведе трката, додека Андреа Ианоне од Ecstar Suzuki се проби на второто место пред Лоренцо кој не стартуваше како што посакуваше.
По фуриозниот старт, Ианоне се обиде да се најде на чело од колоната, но отиде премногу широко што беше доволно Лоренцо да го помине и да се најде на втората позиција.
Маркез беше лидер се до крајот од првиот круг, кога Лоренцо го помина на сопирање пред кривината број 1.
Тројниот шампион потоа до крајот возеше сопствена трка, додека Маркез беше само „најдобар од останатите“, не успевајќи во ниеден момент доволно да се доближи до Лоренцо.
Довициозо кој стартуваше како трет, рано ја заврши трката, што беше големо разочарување за неговите навивачи, но и причина за радост на фановите на Роси, кој стартуваше како седми. По падот на Довициозо, Роси го помина и Ианоне и се најде на третата позиција.
Лоренцо во текот на целата трка имаше потполна контрола над ситуацијата, чувајќи безбедно растојание од Маркез и Роси. Зад првите тројца, за четвртото место битката се биеше помеѓу Дани Педроса, Кал Крачлоу и Данило Петручи. Британцеот успеа да го помине Педроса, додека Вињалес и Зарко беа подобри од Петручи.
На околу 14 круга пред крајот, Лоренцо направи значителна предност, која ја одржуваше до крајот. На крајот Лоренцо беше дури 4,4 секунди побрз од Маркез, додека актуелниот шампион беше за 1,5 секунди побрзо од Докторот. Крачлов на четврто место, имаше 3,8 секунди заостанување зад Роси, додека Педроса на петтото место успеа да се одбрани од нападите на Вињалес.
Зарко и Петручи завршија како седми и осми, а Алваро Баутиста и Ианоне ги заокружија првите 10.
2018 MotoGP Catalunya Barcelona (Резултати)
2018 MotoGP (Генерален пласман)
2018 MotoGP Catalunya Barcelona (Highlights)
Следната трка се вози во Холандија на патеката во Асен на 1-ви јули.