Од петокот, 15 јуни па се до 14 септември, во Хрватска важат новите сезонски цени за патарина на автопатиштата со кои управуваат Хрватски автопатишта (ХАЦ) и Автопат Риека-Загреб (ARZ)

Како што се наведува, сезонските цени за наплата на патарина се воведуваат за прва (I и I.A.), а од оваа година и втора категорија на возила, додека за третата и четврта група на возила нема да се применуваат.

За сезонскиот период, единечната цена на патарините за возила од I., I.A, и II. категорија се зголемени за 10%.

Повеќе информации за новите цени на патарините во Хрватска може да добиете на веб страната на Хрватскиот авто клуб или  Тollfee.eu.

Зголемената сезонска цена која беше воведена и минатата година, за време на трите летни месеци или период на висок сообраќај, се правда како една од прифатените мерки за финансиско преструктуирање на компаниите во патниот сектор.

Како што се наведува, воведувањето на сезонски патарини за одредени категории на возила произлегува од фактот дека околу 40% од годишниот приход се остварува во летните месеци, а на некои автопати бројот на возила во текот на летото се зголемува до три пати во споредба со останатиот период од годината. Во вкупниот сообраќај на возила, најголем дел од возилата се I.А, I. и II. категорија (мотоцикли, лични возила со приколки и кампери). Како резултат на тоа, значително се зголемуваат и трошоците за одржување, безбедност, мониторинг и управување со сообраќајот во текот на летото.