24 Hours of Le Mans: Триумф на Toyota и Фернандо Алонсо

0

Тимот составен од Казуки Накаџима, Себастијан Буеми и дебитантот Фернандо Алонсо со TS050 #8 беше најбрз на патеката

Јапонскиот производител конечно ја освои долго очекуваната победа во легендарната 24-часа трка во Ле Ман, и тоа двојна. По големиот пех во последниот круг пред две години на патеката Circuit de la Sarthe, кога Јапонците навистина заслужија да победат, овојпат се беше како што посакуваа. Некој ќе рече дека овогодинешната трка не беше како некои претходни според квалитетот, но на крајот, историјата ги евидентира победниците.

Битката за победата се сведе на борба помеѓу два сестрински автомобили, за на крајот победничкиот тим да извози 388 круга, два повеќе од тимот составен од Мајк Конвеј, Камуи Кобајаши и Хозе Марија Лопес или вториот тим на Toyota.

Ова е прва победа на Toyota во 20-тиот обид, но и прва победа на јапонски производител од 1991 година (Mazda). Автомобилот на Алонсо имаше повеќе од две минути заостанување зад втората Toyota, но Шпанецот успеа да го надокнади заостанувањето во текот на ноќта што му овозможи на Накаџима да го преземе водството од Кобајаши.

На некој начин, правдата е задоволена, бидејќи токму Накаџима и Буеми беа губитниците од 2016 година, кога ја загубија победата во последниот круг.

Фернандо Алонсо е првиот активен Formula 1 возач кој победил на Ле Ман по победата на Нико Хулкенберг во 2015 година со тимот на Porsche. Шпанецот така стана, покрај Хуан Пабло Монтоја, првиот возач кој освоил два дела од таканаречената „тројна круна“ (победа на Ле Ман, ГН на Монако во Formula 1 и Индианополис 500), така што сега му недостасува уште триумф на Индианаполис 500 за да го стигне британецот Греам Хил.

„Вечерва се чувствував одлично. Не знам точно како, но успеав во вистинско време да ги „натерам“ гумите да работат за нас, и покрај ниската температура. Нашето темпо беше добро, но имав среќа и во сообраќајот на патеката“, изјави Алонсо.

На 86-то издание на трката учествуваа околу 60 фабрички и приватни тимови.



Loading...
Споделете.

Коментарите се затворени.

Translate »