Јапонскиот бренд најавил дека веќе од следниот месец ќе престане да ги доставува своите SUV модели во Европа

Ќе се сложите, голема и радикална промена, затоа што таков потег веројатно никој не очекуваше.

Mitsubishi минатиот месец најави дека ќе го намали своето работење во Европа, фокусирајќи се на Југоисточна Азија и на домашниот пазар. Сепак, никој не веруваше дека заминувањето од Стариот континент ќе се случи толку ненадејно и брзо.

Според AutoNews Europe, јапонскиот производител ќе престане со испорака на следниве модели: Outlander PHEV (кој воедно е еден од најпродаваните plug-in хибриди во Европа), потоа ASX и конечно Eclipse Cross. Овие три SUV модели учествуваа со 64% ​​од продажбата на Mitsubishi во првата половина на оваа година.

Според AutoNews Europe, моделите Space Star/Mirage и L200 ќе останат во понуда до крајот на 2021 година. Сосема е јасно дека станува збор за вовед во целосен егзодус на овој бренд од Европа, затоа што е невозможно да преживее со споменатите автомобили во овој дел од светот. Особено е чудна одлуката да се повлече Outlander PHEV кој имаше одлична продажба на Стариот континент.

Дилерите и увозниците на Mitsubishi веќе се побуниле против ваквите ненадејни одлуки на јапонската компанија, а факт е дека ќе мора да дадат големи попусти за да можат да ги продадат возилата што во моментот ги имаат на залиха.

Официјални лица од јапонскиот бренд сè уште не ги коментирале наводите објавени во јавноста, но со оглед дека станува збор за сериозен и веродостоен портал, сигурно е дека станува збор за вистински тврдења.