Mercedes S-Class тивко доби нова хибридна верзија / ФОТО
Новата генерација на Ѕ-класата, претставена пред помалку од една година, постепено расте, барем кога станува збор за ширината на гамата на модификации
Деновиве официјално кон гамата се приклучи и верзијата Mercedes-Benz S 580 e. Зад овој индекс стои plug-in хибрид, а неговиот клучен пазар треба да биде европскиот. Соодветно на тоа, овој хибрид ќе биде можно да се добие во стандардна (5,2 метри), како и во верзијата со продолжено меѓуоскино растојание (5,3 метри).
Кога се гледа однадвор, хибридот се препознава по дополнителната врата, лоцирана на левата страна, а зад која се крие приклучокот за полнење на батерискиот пакет.
Ако се знае дека варијантата S 580 4Matic е опремена со 4.0-литарски V8 турбо-бензински мотор, од кој излегуваат 503 коњски сили со 700 Nm максимален вртежен момент и систем за пренос на енергија на двете оски, тогаш треба да се каже дека хибридот S 580 e, иако со сличен потенцијал, сепак е со значително различно распореден погонски систем.
Под хаубата на новитетот се наоѓа 3.0-литарскиот линиски мотор со 6-цилиндри под кодно име M256. Развива 367 коњски сили со 500 Nm вртежен момент. Деветстепениот автоматски менувач има интегриран електричен мотор кој додава 150 „коњски сили“ и 480 Nm вртежен момент, а кој придонесува најмногу во првите моменти по стартот на возилото. Најголемата моќност на погонскиот систем стигнува до 510 КС и 750 Nm. Сепак, за разлика од модификацијата опишана погоре, кај хибридите, погонски тркала се само оние зад возачот.
Литиум-јонската батерија се наоѓа под подот на багажникот, иако во претходната итерација на хибридната S-класа, батерискиот пакет беше сместен под задната клупа. Ваквата поставка влијаеше на волуменот на багажникот на plug-in хибридот да биде поскромен во споредба со модификацијата која гори само бензин (350 литри наспроти 535 литри).
Капацитетот на батеријата е 28,6 kWh. Основната опција вклучува полнач за напојување од 11 kW, но може да се доплати за верзија DC полнач од 60 kW, со кој се врши надополнување на батеријата за само половина час.
Во споредба со претходниот модел, автономијата во чисто електричен режим е скоро двојно зголемена и стигнува до 113 километри во циклусот WLTP, додека максималната брзина во тој случај може да достигне до 140 km/h. Во исто време, хибридниот S 580 e со погон на задните тркала е за 270 килограми потежок од верзијата со погон на сите четири тркала S 580 4Matic 2.365 kg наспроти 2.095 kg. Повиткиот за забрзување до „стотка“ троши 4,4 секунди, додека на хибридот му требаат (сепак одлични) 5,2 секунди.
Интересно, во Европа хибридниот Mercedes-Benz S 580 e се добива за најмалку 124 илјади евра, додека верзијата S 580 4Matic чини околу 2 илјади евра повеќе. Следното засилување на гамата на Ѕ-класа треба да биде најмоќното, што значи дека ќе го носи знакот AMG.
Во меѓувреме, предводникот на Германците добил нови десетина опции. На пример, се нуди активна хидропневматска поддршка E-Active Body Control, по цена од 7.735 евра во Германија, што беше објавено за време на дебито на моделот. Опцијата е веќе достапна за нарачка. Се напојува со електричен систем од 48 волти и има камери кои го снимаат патот пред седанот, така што секое тркало може да се прилагоди одделно за да се понуди максимална удобност. Овој тип на суспензија е достапен само со бензинските верзии со погон на сите тркала: S 450 4Matic, S 500 4Matic и S 580 4Matic.
Дополнително, „цивилната“ S-класа добила неколку опции кои во минатото беа резервирани исклучиво за верзии на продолжениот Maybach. На пример, систем на адаптивно осветлување за патниците на задните седишта (како што сугерира името, интензитетот на светлината варира). Тука е и механизмот за автоматско затегнување на безбедносните ремени на задните патници.