Mercedes објави фотографии и спецификации за најмоќната AMG верзија на новата G- класа

Еден месец по светската премиера на новата генерација на легендарниот теренец, германскиот производител го претстави моделот G63, кој во моментов е врв во понудата за G-класата.

Возилото како погон користи 4.0-турбо V8 мотор кој испорачува 585 КС и 850 Nm максимален вртежен момент (достапен во опсег 2.500-3.500 вртежи во минута).

Моторот е поврзан со најновиот 9-брзински автоматски менувач кој му овозможува на новиот G63 од 0 до 100 km/h да стигне за 4,5 секунди. Максималната брзина фабрички е ограничена на 220 km/h, но за купувачите кои ќе се одлучат за пакетот AMG Driver ова ограничување се подигнува на 240 km/h.

Mercedes-AMG G63 визуелно се разликува од другите верзии на новата G-класа по специфичната решетка на ладилникот и поголемите отвори за воздух на предниот браник.

Тука се и LED фаровите, карактеристичните црвени сопирачки и самовентилирачки дискови, а автомобилот е поставен на 22-инчни алуминиумски тркала и гуми со низок профил.

Топ верзијата на новата G-класа своето деби пред публика ќе го има во почетокот на март, на салонот за автомобили во Женева, а веднаш по завршувањето на салонот започнува и продажбата на европскиот пазар.