McLaren би можел да го одложи преоѓањето на гориво на Petrobras, новиот технички партнер, со оглед на тоа дека челниците сеуште се двоумат за изборот на добавувачи за новата сезона

Британскиот тим објави ново партнерство со Petrobras во февруари минатата година, по договорот кој го имаше со BP / Castrol.

На презентацијата на болидот за 2019 година, извршниот директор на McLaren, Зак Браун, изјави дека тимот има намера да го користи горивото на новиот партнер. Сепак, се уште не е познато дали бразилската компанија за гориво ќе биде подготвена за предсезонските тестирања или пак за првата трка во Австралија.

Спортскиот директор на McLaren, Гил де Феран, изјави дека сеуште е невозможно да се предвиди кога тимот ќе почне да го користи новото гориво.

„Ние се уште работиме на развојот со Petrobras. Од оваа дистанца тешко е да се процени уште колку работа имаме“, вели де Феран.

Добавувачите на гориво и масло отсекогаш играле важна улога за перформансите на моторот, а со доаѓањето на турбо-хибридната V6 ера, тие станаа клучен фактор во битката „вон патеките“.

Ferrari ја продолжи својата долгогодишна соработка со Shell, а Mercedes остана верен на Petronas, кој ги водеше до пет последователни титули во конкуренцијата на конструктори и возачи. Renault ги користи производите на BP / Castrol, кои ги користеше и McLaren во последната година со агрегат на Honda и првата со Renault. Преоѓањето на гориво на Petrobras може да значи напредок во однос на конкуренцијата, но исто така и дефицит во време кога една компанија влегува во шампионатот со гориво под очекуваното ниво.

McLaren ништо не го спречува во новата сезона да влезе користејќи гориво на BP / Castrol, а кога Petrobras ќе го подготви својот производ, целосно да премине на новото. Сепак, првите луѓе на британскиот тим веруваат дека таквата одлука може да биде „зезната“.

„Кога правиме планови во пресметките, ги земаме во предвид сите потешкотии што можат да се појават за да се осигураме дека целта може да се спроведе“, вели де Феран.

Производите на Petrobras ги користеше и Williams, кој сакаше да го намали заостатокот зад Mercedes користејќи гориво од друг производител.

„Ние имаме одличен однос со Petrobras на техничка основа. Често се среќаваме во Бразил. Убеден сум дека им даваме многу вреден материјал за развој и верувам дека таквото партнерство постепено ќе дава подобри и подобри резултати“, вели Браун.