Победник на драматичната трка за Големата награда на Бахреин е Луис Хамилтон. Британецот славеше пред двоецот на Red Bull, Макс Верстапен и Александар Албон

Трката заврши зад безбедносното возило откако на три круга до крајот се запали моторот на дотогаш третопласираниот Серхио Перез поради што тој мораше да паркира покрај патеката и да ја заврши трката. McLaren имаше одлична трка – Ландо Норис заврши четврти, а Карлос Саинз петти.

Стратегијата со едно влегување во бокс му се исплатеше на Пјер Гасли завршувајќи на шестото место. Даниел Рикиардо беше седми, а Валтери Ботас имаше уште една тешка трка и мораше да се задоволи само со осмото место.

Вториот возач на Renault, Естебан Окон заврши како деветти, додека почесниот бод му припадна на Шарл Леклер и Ferrari.

Стартот на трката го одбележа шокантниот судир на Ромен Грожан. Французинот, како и другите возачи, се бореше за позиција низ воведните свиоци на патеката, но во еден момент дојде до контакт со Даниел Квјат од AlphaTauri по што Грожан заврши во заштитната бариера.

Неговиот болид беше преполовен од контактот со оградата, а делот во кој се наоѓаа пилотската кабина и Грожан излета од патеката и експлодираше. Вистинска среќа е што Французинот успеа да излезе од болидот кој буквално беше во пламен. Едноставно тешко е со зборови да се опише магнитудата на овој судир.

Грожан веднаш беше однесен во медицинскиот автомобил каде што беше видливо дека е замаен, но свесен. По прегледот во болница, Грошан е задржан на лекување, бидејќи има лесни изгореници на рацете и зглобовите.

Се разбира, по ваквиот инцидент трката беше веднаш запрена. Рестартот беше закажан веднаш откако ќе се поправи заштитната ограда, што траеше околу еден час.

Трката продолжи во 16:38 часот, но повторно не траеше долго. Ленс Строл и неговиот Racing Point се извртеа наопаку откако Даниел Квјат не можеше да го избегне Канаѓанецот. И во овој случај, за среќа по возачот, без последици. Безбедносното возило остана на патеката до крајот на осмиот круг, по што трката продолжи по трет пат. Хамилтон беше во водство пред Верстапен и Серхио Перез.

На Валтери Ботас му пукна гума, што го принуди на непланирано влегување во бокс и го спушти на 16-тото место во поредокот. Во 11-от круг Хамилтон водеше пред Верстапен, кој имаше скоро три секунди предност пред Перез. Четврти беше Александар Албон кој беше на безбедно растојание од Ландо Норис. Шести беше Естебан Окон, следен од Чарлс Леклерк, Карлос Саинц, Даниел Рикиардо и Пјер Гасли.

Саинц со помош на DRS-от лесно го мина Леклерк на стартно-целната рамнина и го зазеде седмото место. Даниел Квјат заработи временска казна од десет секунди за судирот со Строл.

Во овој период од трката Шарл Леклер загуби три места во само два круга. Рикиардо го премина со помош на DRS, а набргу потоа и Пјер Гасли.

Себастијан Фетел падна на последното место со информација до својот тим дека неговиот автомобил е невозможно да се вози.

Возачите на Renault беа првите кои се одлучија за бокс, што се покажа како полн погодок, бидејќи Даниел Рикиардо и Естебан Окон потоа со брз ритам ги стигнуваа ривалите. Во 20-от круг, водечкиот во трката, Луис Хамилтон, влегува во бокс и става средни гуми на својот болид. Верстапен и Перез го следат потегот на Британецот и одат во бокс во 21-от круг. За разлика од Хамилтон, кој беше јасно дека во бокс ќе мора уште еднаш, Верстапен и Гасли ставија тврда компонента со надеж дека на патеката ќе останат до самиот крај.

Интересен потег на Red Bull во 35-от круг – Макс Верстапен оди повторно во бокс по само 14 круга на тврда компонента, добива целосно нов сет на тврди гуми, но неговиот обид за потиснување на Луис Хамилтон е уништен поради бавната промена на гумата. Mercedes одговара во 36-от круг и го влече седумкратниот шампион во бокс.

Во однос на пласманот, во 42-от круг Хамилтон води со 3,5 секунди предност пред Холанѓанецот. Перез беше одалечен на третото место, а го следат Александар Албон и Пјер Гасли кои сè уште не биле во боксот. Ландо Норис е шести, десет секунди пред Саинц. Даниел Рикиардо, Естебан Окон и Валтери Ботас ја затвораа првата десетка.

Верстапен повторно оди во бокс во 47-от круг и добива медиум гуми. Сепак, и покрај новите гуми, Холанѓанецот успеа да стигне само до најбрз кругво трка. 

Во 55-от круг Серхио Перез се повлече од трката! Од моторот на болидот на Мексиканецот почна да излегува се посилен пламен па тој беше принуден да се паркира покрај патеката. Голема штета за Перез и Racing Point кои во Бахреин остануваа без бодови, а со тоа и ги намалија шансите за освојување на третото место помеѓу конструкторите.

Безбедносното возило кое излезе на патеката остана до крајот на трката.

Резултати

2020 Bahrain Grand Prix: Race Highlights

Изјавија по трката

https://youtu.be/_1pocTvnAQI