![Lamborghini го пензионира V12?!](https://dodajgas.mk/wp-content/uploads/2019/08/Lamborghini-Urus-2019-1600-0f.jpg)
Lamborghini го пензионира V12?!
Италијанскиот производител, како што наведуваат некои европски медиуми, е на работ да се збогува од легендарниот V12 мотор
Повеќе од пет децении, оваа погонска единица го нашла своето место во бројни модели на италијанскиот суперспортски бренд. Своето место го нашла во Miura, Countach, Diablo, Murcielago, Aventador … Но, наскоро Lamborghini може целосно да се збогува со V12-та.
Матичната куќа, VW Group, веќе одамна им нареди на другите брендови во рамките на истоимената група полека да се „ослободат“ од мамутските агрегати. Еден од нив е и познатиот V12. Рака на срце, не само групата VW е таа што се откажува од овие единици. Истото го најавија и BMW и Mercedes кои во иднина ќе се потпираат на V8 моторите, поддржани со хибридна технологија.
Како и да е, Lamborghini е сепак нешто друго. Теоретски, сегашниот V12 мотор би можел да се надогради за да ги „помине“ идните Euro7 стандарди. Сепак, такво нешто би чинело многу пари, а таквата инвестиција во време кога целата VW група е принудена на електрификација се чини дека е ирационална.
Lamborghini Urus, од друга страна, ја подигна продажбата на италијанскиот бренд на невидени височини. Овој модел користи twin-turbo V8 мотор со потекло од Audi, што не го спречува да биде бестселер на Lamborghini.
Покрај тоа, постои добра шанса при следното прераспределување во рамките на групата Volkswagen да дојде до продажба на одредени брендови. Ducati, Lamborghini и Bentley се тие кои се гледаат како главни кандидати за таа улога.
Официјална потврда за такво нешто нема, но реално е да се разговара за ова. Што се однесува до V12 моторот, ќе биде како што ќе кажат во Audi.