Од 1-ви ноември, јужнокорејската група Hyundai-Kia, во која припаѓа и премиум брендот Genesis, добива нов директор за дизајн – Лук Донкерволке

Донкерволке веќе имаше висока позиција во компанијата како извршен потпретседател на дизајнот за брендовите Hyundai и Genesis, а на позицијата прв човек за дизајн на целата групација доаѓа на местото на Петер Шрејер.
Донкерволке пред доаѓањето во редовите на гигантот од Јужна Кореја имаше импресивна кариера во групацијата Volkswagen.

Кон групата се приклучува во 1992 година, а во периодот 1994-1996 работи за Škoda. Во тој период, тој има голем придонес во дизајнот на првите модерни генерации на Fabia и Octavia.

Потоа се преселува во Audi каде ги дизајнира A4 Avant и иновативниот А2, а во 1998 година Белгијанецот со потекло од Перу, преминува во Lamborghini.

Тука е одговорен за дизајнот на моделите на Murcielago, Diablo и Gallardo, а заедно со Валтер Де Силве во 2006 година го дизајнира концептот Lamburghini Miura.

Кариерата потоа ја продолжува во шпанскиот SEAT, каде што го заменува токму Де Силва, кој се префрла во Audi. Во Шпанија, Донкерволке ја создава претходната генерација на Ibiza, еден од најуспешните и најпрепознатливите модели на овој бренд.

Конечно, кругот во рамките на групата VW го заокружува со британскиот премиум производител Bentley во 2012 година, за да во јуни 2015 година конечно ја напушти Volkswagen Group и да се пресели во Hyundai.