Иако Србија и Бугарија беа во тесниот круг на кандидати, Турците сепак успеаја да се изборат за уште една фабрика за автомобили во нивната земја

Локацијата за новиот објект е во градот Маниса, кој се наоѓа на околу четириесет километри северозападно од Измир. Со фабриката ќе управува Volkswagen, а во неа ќе бидат вработени околу 4.000 луѓе.

Максималниот производствен капацитет ќе биде 300.000 возила на годишно ниво, а од таму ќе се пласираат возила за Источна Европа, вклучително и Русија, Блискиот исток и секако Турција.

Вредноста на инвестицијата е една милијарда евра, а, за сега, планот е овде да се склопуваат VW Passat и Škoda Superb. Според проценките, околу 2/3 од производството треба да отпадне на Passat.

Новиот погон на Volkswagen му овозможува на германскиот производител да го премести Passat од Емден, со цел да го направи место исклучиво за електрични автомобили. Од друга страна, Škoda веќе се бори со недостаток на капацитет во својата матична фабрика во Чешка, така што преместувањето на производстворо на Superb ќе помогне во таа насока.

Новата фабрика на Volkswagen во Турција ќе биде 123-от производствен погон на германскиот гигант.