Крај на рударењето со деца и матното рециклирање: Доаѓа пасош за батерии за автомобили
Нов пасош за батерии, кој го дефинира потеклото на материјалите од кои се произведуваат, може да стане идниот проблем на електрификацијата
Пазарот на електрични автомобили во моментов доживува силни промени за многу краток временски период, што ги става производителите пред сè поголеми предизвици во свет кој се карактеризира со инфлација и недостиг на материјали за производство на автомобили, како што се микрочиповите. Така, веќе се присутни тешкотии за глобалната автомобилска индустрија во нејзината посветеност на целосна електрификација, како единствено решение за мобилноста во иднина.
Нов голем предизвик за производителите на тој пат може да биде „пасошот за батерии“. Според Business Insider, станува збор за предлог и нов начин на документирање на „животниот циклус“ на секоја батерија во автомобилите, од потеклото до конечното рециклирање на сите компоненти, на иницијатива на јавно-приватниот сојуз Global Battery Alliance.
Алијансата е основана на Светскиот економски форум во 2017 година и е составена од групи од јавен интерес, автомобилски компании, производители на батерии и рударски компании.
За „пасошот за батерии“ првпат се разговараше во 2020 година, а здружението планира да започне со првото тестирање на концептот на почетокот на следната година.
Тие се надеваат дека ќе можат да го следат патувањето на батеријата од екстракција на суровина, преку преработка и производство на ќелии, до рециклирање или употреба за други цели по нејзиниот корисен век во автомобилите. Идејата е да им се помогне на производителите на батерии и автомобили да ги исполнат своите производствени цели, но со упатства за одржливост.
Значи, идејата е производството на електрични возила да се одвива одговорно, бидејќи е познато дека многу често материјалите за батерии (литиум, никел, кобалт и други клучни метали) доаѓаат со години од рудниците во сиромашните земји со критично загрозени човекови права за време на експлоатацијата, како и непозната јаглеродна трага при самиот процес на екстракција.
На пример, во Демократска Република Конго сè уште има многу деца кои работат во рудниците за кобалт, вредна руда што потоа се користи во батериите на електричните автомобили, се вели во извештајот на Amnesty International од 2018 година.
Новиот „пасош“ вклучува три главни елементи на информации: технички податоци за батеријата, кои вклучуваат историја на производство и употреба на рециклирани материјали; следење на материјалите што се користат за изработка и индикатори за одржливост на батеријата, кои се поврзани со нејзиниот јаглероден отпечаток.
Тоа е голем предизвик за автомобилската индустрија, но некои експерти сметаат дека пасошот за батерии, иако тој не би бил обврска за производителите на електрични автомобили и батерии, може да биде клучен елемент за нивно издвојување од конкуренцијата.
Питер Мејтел, еден од водечките автомобилски аналитичари во компанијата Infor вели:
„Пасошите за батериите ќе станат многу важни, особено со регулативите и законодавството неодамна усвоени во САД во врска со етичките извори и рокот на траење по употреба на батериите и следењето на минералите и материјалите”.
Мора да се признае, ќе биде предизвик да се натераат автомобилските компании да одлучат за нешто што би можело да бара откривање на доверливи информации или технички предности во однос на конкуренцијата. Сепак, Ford гледа предност во прифаќањето на „пасошот“.
Покрај тоа, веќе сега со компанијата за дигитална транспарентност Everledger и компаниите за рециклирање Cirba Solutions и Li-Cycle, Fоrd веќе спроведува тестови за следење на животниот циклус на своите батерии со вештачка интелигенција и блокчејн технологија. Исто така, стартапите како Circular веќе нудат технологија која ги следи материјалите, емисиите и потребите за усогласеност за одредени материјали потребни за производство на батерии за електрични возила.
„Ова ќе стане нормативно барање на еден или друг начин“, вели Инга Петерсен, извршен директор на сојузот, додавајќи дека „Воведувањето транспарентност во синџирот на снабдување е првиот чекор“.
Дали мнозинството производители на електрични автомобили брзо ќе се согласат на ова, останува да се види…