Корејците во офанзива: По Sportage, Kia ја претстави целосно новата генерација на моделот Niro
Шест години по лансирањето на првата генерација и три по редизајнот, Kia официјално ја претстави целосно новата, втора генерација на моделот Niro
Корејскиот кросовер кој го исполнува просторот помеѓу Stonic и Sportage добил необични LED предни светла поставени ниско на предниот браник и тенка хоризонтална решетка над нив истакната со хромирана лента, додека задниот дел сега го красат тенки, вертикално поставени светла кои ја следат линијата на кровните носачи.
Надворешноста на новиот Nirо всушност ги надоградува смелите дизајнерски елементи за прв пат претставени во 2019 година на концептот Habaniro. Новиот елегантен и самоуверен кросовер го отелотворува авантуристичкиот пристап на Habanirо со неговата високотехнолошка двобојна каросерија, се вели во официјалното соопштение од компанијата.
Огромни промени носи и патничката кабина. Инструмент таблата свртена кон возачот е споена во една целина и ги интегрира дигиталната инструмент табла и екранот на допир за управување со инфозабавниот систем. Новина е џојстикот наместо класичната рачка на менувачот, како и помодерниот систем за амбиентално осветлување.
Целосно новиот Kia Niro, донесува нови рециклирани материјали во кабината. Поставата на таванот е изработена од рециклирани тапети, седиштата се изработени од био полиуретан со тенцел ткаенина од лист од еукалиптус, додека на вратите е употребена боја на база на вода која не содржи бензен, толуен и ксилен), што го намалува влијанието врз животната средина и количината на отпад.
Иако Kia во официјално соопштение не објави конкретни детали за погонот, познато е дека новиот Niro ќе биде достапен во хибридна, plug-in хибридна и целосно електрична верзија.
Она што се знае е дека Kia го воведува режимот на возење Greenzone, кој автоматски префрлува од (P)HEV (хибриден односно plug-in хибриден) режим на EV (електричен) режим за да овозможи решенија за одржлива мобилност. При возење во зелени подрачја, како што се станбени области или блиски училишта и болници, возилото автоматски користи електрична енергија врз основа на упатствата од навигацијата и податоците за историјата на возењето. Исто така, ги препознава популарните места на возачот (на пример дом и канцеларија) означени во системот за навигација како зелени површини.
Повеќе детали за погонот, цените и датумот на лансирање ќе бидат откриени наскоро.