Интересна математика дава одговор на вечното прашање

Досега остварените 91. победа во Formula 1, на Луис Хамилтон му овозможија да се израмни со легендата Михаел Шумахер. Како што се одвиваат работите во овогодинешниот шампионат, двајцата наскоро ќе имаат и еднаков број на титули – 7, што само ги засилува полемиките околу тоа кој е најдобриот на сите времиња.

Изданието The Economist одлучило да употреби математички модел создаден од Ендру Бел, д-р по математички науки од Универзитетот во Шефилд. Развиен е во 2016 година и овозможува да се пресмета придонесот на болидот во победите на одреден возач, но и неговите перформанси зад воланот. Во предвид се земени и среќата на натпреварувачите и грешките на конкурентите на патеката.

Пресметките покажуваат дека најголем придонес на технологијата има во победите на Михаел Шумахер за Ferrari и Луис Хамилтон за Mercedes, иако и двајцата покажале високо ниво на возачки способности како пилоти. Ова не е случај со Греам Хил (BRM), освојувач на титулата во 1962 година чиј придонес е најмал. Во последните 20 години истото важи и за Фернандо Алонсо (Renault) во 2006 година.


Хуан Мануел Фанџо

Применетата математичка формула вели дека најголем придонес во победите како возач има Хуан Мануел Фанџо (на сликата) – освојувач на титулите во 1954, 1955, 1956 и 1957 година. Токму затоа легендарниот Аргентинец треба да се признае како најдобар во историјата. Според пресметките, по него следат Џим Кларк, Ален Прост, Џеки Стјуарт, Михаел Шумахер, Луис Хамилтон, Алберто Аскари и Аиртон Сена.

Дали се согласувате?