Кои се најбогатите луѓе во Formula 1?
Елитниот моторспорт е магнет за милијардерите
Formula 1 е спорт кој нема конкуренција кога станува збор за трошоците. Сумите во овој спорт се колосални и ако некој сака да игра сериозна улога, тој мора да има огромни финансиски средства. Во крајна линија тоа значи дека овој спорт ги привлекува некои од најбогатите луѓе на планетата. Но, кои се тие?
Само како пример ќе ја споменеме налепницата Claro, која е поставена на задното крило на болидот на Red Bull. Компанијата е јужноамериканска подружница на America Movil, телекомуникациска група вклучена во рангирањето на Forbes Global 2000, во која работат приближно 200.000 луѓе. Седиштето е во Мексико Сити, со приходи поголеми од 50 милијарди долари во 2020 година. Претседател на групата е Карлос Слим, кој со богатство од 62,8 милијарди долари е 16-тиот најбогат човек на планетата според Forbes.
Мексиканскиот милијардер и неговиот син Карлос Слим Домит уште од самиот почеток ја поддржуваат кариерата на Серхио Перез, кој се приклучи на тимот на Red Bull за оваа сезона. Уште додека возеше во локалниот шампионат Skip Barber, Перез беше спонзориран од Telmex (исто така сопственост на Slim), кој е на 56-то место во светот со богатство од 26,9 милијарди долари. Овие огромни бројки овозможуваат полесно да се разбереме количините на пари кои се вртат во Formula 1.
Најбогатиот сопственик
Дитрих Матешиц – коосновач, генерален менаџер и сопственик на Red Bull со 49%, поседува два тима во Formula 1. 76-годишниот Австриец е толку страствен во мотоспортот што го купи Jaguar и го претвори во Red Bull Racing), како и Minardi, кој прво стана Toro Rosso, а потоа AlphaTauri.
Пред повеќе од триесет години, Матешиц имал обид да продава паста за заби во Тајланд. За време на неговото патување во егзотичната земја, тој открил пијалок наречен Krating Daeng, кој помага во борба против заморот. Австриецот го контактирал производителот на овој пијалок и направил верзија за Европа. Така, во 1987 година се појавува Red Bull, кој денес е светски лидер на пазарот на енергетски пијалоци.
Заслугата за изгледот на Red Bull во Formula 1 му припаѓа на поранешниот возач Герхард Бергер. Компанијата прво му помага на Sauber, дури во еден момент и поседува 60% од тимот. Соработката продолжи сè додека Питер Заубер одби да потпише со пилотот номиниран од Red Bull, Енрике Бернолди и да се обложи на тогаш младиот Кими Раиконен.
Во 2004 година, Матешиц го купува тимот на Jaguar од Ford за сума од 1 фунта и се појавува Red Bull Racing. Една година подоцна, повторно со помош на Герхард Бергер, милијардерот го стекнува Minardi, претворајќи го во Scuderia Toro Rosso. Од 2010 до 2013 година, Red Bull со Себастијан Фетел освојува четири светски титули во Formula 1.
Покрај две екипи, Матешиц е сопственик и на Red Bull Ring, каде секоја година се одржува Големата награда на Австрија. Технички, сепак, тој не е најбогатиот сопственик на тим во Formula 1. Во 2012 година почина Халео Јоовида, кој е сопственик на 51% од Red Bull. Тајланѓанецот му ги остава акциите на својот син Чалерм, но тој се држи настрана од мотоспортот, оставајќи го својот партнер Матешиц да управува со овој дел од бизнисот.
Најбогатиот возач
Најбогат возач во Formula 1 во моментов е Луис Хамилтон. Седумкратниот светски шампион годишно зема плата од 55 милиони долари, а неговото богатство се проценува на околу 500 милиони долари. Помагаат и неговите договори за рекламирање со Mercedes (тимот за кој се натпреварува), Tommy Hilfiger, Monster Energy, Bose, Puma, IWC, Sony, Gran Turismo и MV Agusta.
Така, Хамилтон е единствениот кој е на ниво на Михаел Шумахер не само според титулите и победите, туку и според приходите. Легендарниот Германец заработи меѓу 600 и 800 милиони долари во својата кариера, а магазинот Forbes го стави на врвот на својата листа на најбогати спортисти во 1999 и 2000 година, заработувајќи 80 милиони долари само од платата во Ferrari.
Најбогатиот промотор на трки
Во Formula 1 се вклучени многу богати луѓе. Меѓу нив е и хотелскиот магнат Онг Бенг Сенг, кој е во основата на трката по улиците на Сингапур. Таков е и Џон Де Џорџија, главниот инвеститор на патеката во Остин, Тексас, каде се одржува ГН на САД. Тој е ко-основач на компанијата за автомобилски производи Paul Mitchell и „тежи“ неколку милијарди долари. Принцот Алберт од Монако е исто така милијардер, а Кнежевството е домаќин на најпознатото натпреварување на шампионатот.
Невозможно е било што да се направи без кралските семејства на Бахреин и Абу Даби. Токму благодарение на нивните пари натпреварите се одржуваат во двата емирати. Богатството на престолонаследникот на Бахреин, принцот Салман се проценува на 4 милијарди долари, а тој самиот е голем фан на Formula 1. Покрај тоа, тој го контролира инвестицискиот фонд Mumtalakat, Мумталакат, кој е голем инвеститор во McLaren. Средствата на фондот се проценуваат на 17 милијарди долари.
Емирот од Абу Даби, шеикот Калифа, контролира друг инвестициски фонд, со средства од 875 милијарди долари, најголемиот управуван од шеф на држава. Богатството на неговото семејство се проценува на уште 150 милијарди долари.
Следната година, шампионскиот календар вклучува уште една трка – Големата награда на Мајами, што значи повеќе богати луѓе во семејството Formula 1. Тоа е Стивен Рос, сопственикот на NFL тимот Мајами Делфинс, чие богатство се проценува на 7,5 милијарди долари. Рос е сопственик на патеката на која ќе се одржи трката, инвестирајќи 40 милиони долари за да ги исполни сите барања.
Колку се богати сопствениците на Formula 1?
Liberty Media ја купи Formula 1 Group од компанијата CVC за 4,6 милијарди долари во 2017 година. Liberty Media ја контролира Џон Си Мелоун, американски милијардер за кој се верува дека е најголемиот сопственик на земјиште во Америка. Според Forbs, неговото богатство вреди 7,8 милијарди долари.
Liberty Media неодамна во регулаторната декларација до Комисијата за хартии од вредност откри дека нејзиниот извршен директор Грег Мафеи заработил 47,1 милиони долари во 2020 година. Неговиот приход е главно од акции и стимулации, додека основната плата му е само 871.800 долари.
Поранешниот извршен директор на Formula 1, Берни Еклстоун веќе нема оперативни функции и беше почесен претседател до 2020 година. Неговото богатство во моментов се проценува на 3 милијарди долари.
Најбогатите „тркачки татковци“ во Formula 1
Возачот на Aston Martin, Ленс Строл, својата кариера ја должи на неговиот богат татко Лоренс, чие богатство се проценува на 3,2 милијарди долари. На почетокот на 2020 година, Строл Сениор го купи контролниот пакет акции во производителот на автомобили Aston Martin за 235 милиони долари и го преименува својот тим во Formula 1 (поранешен Racing Point), за кој плати повеќе од 100 милиони американски долари во 2018 година.
Лоренс Строл е милијардер благодарение на модниот бизнис. Тој бил акционер во брендот Michael Kors до 2014 година, откако претходно донел уште два модни гиганти во Канада – Pierre Cardin и Ralph Lauren. Строл е исто така голем инвеститор во Tommy Hilfiger. Канаѓанецот е меѓу најголемите колекционери на автомобили од Ferrari, плаќајќи рекордни 27,5 милиони долари во 2013 година за 275 GTB / 4 Spider.
Таткото на возачот на Haas F1, Никита Мазепин, Дмитриј, е мнозински акционер и претседател на управниот одбор на компанијата Uralchem Integrated Chemicals Company. Тој е во списокот на милијардери на Forbs во 2014 и 2015 година откако ја купи компанијата за 5 милијарди долари. Неговата компанија Uralchem Integrated Chemicals Company е спонзор на тимот Haas од 2013 година. Во 2018 година Мазепин се обиде да го купи Racing Point, но загуби од Лоренс Строл.
Пилотот на Williams, Никола Латифи, исто така може да се пофали со богат татко. Мајкл Латифи е сопственик, претседател и извршен директор на компанијата за преработка на храна Sofina Foods. Преку инвестициска компанија која ја контролира и Латифи, тој во 2018 година инвестира 200 милиони долари во групацијата McLaren. Приходите на Sofina Foods се 2 милијарди долари годишно.