Стратегијата „План С“ на јужнокорејската марка добива нови контури – Kia во своето портфолио сака да има седум електрични модели до 2026 година, како и 1,6 милиони продадени електрифицирани возила на годишно ниво до 2030 година

Така, за девет години електрифицираните автомобили треба да имаат удел во продажбата на Kia од дури 40% – станува збор за кумулативни испораки на класични хибриди, plug-in хибриди и електрични модели. Покрај тоа, Kia верува дека од споменатите 1,6 милиони, дури 880.000 ќе бидат чисто електрични возила.

Корејскиот производител најавува дека клучна точка за пласманот на електричните возила ќе биде модуларната платформа Е-GMP. Кога станува збор за хибридни возила, Kia треба да ги користи веќе постојните архитектури.

Сепак, Kia не е заинтересирана само за клиенти во форма на физички лица. Тие најавуваат дека интензивно ќе работат на развој на целосно електрични лесни комерцијални возила, но и на оние наменети за превоз на патници.

Сето ова значи дека Корејците влегуваат уште посилно во целата приказна за електрификација. Веста доаѓа само неколку дена откако беше официјално објавено дека Hyundai / Kia нема да имаат никаква врска со проектот на Apple за производство на автомобил. Од тој момент, акциите на корејското дуо почнаа да тонат.