Ќе возиме само на електрична енергија
Веста дека Ford Motor Company во следните пет години ќе инвестира 11 милијарди долари во електрификација на своите модели, ги натерало аналитичарите да проценуваат колку ќе инвестира останатата светска автомобилска индустрија во овој сегмент во следните неколку години
Според груби проценки, се очекува вистински инвестиционен цунами во областа на електричните автомобили, бидејќи големите производители планираат да инвестираат околу 90 милијарди долари во наредните години!
Оваа бројка звучи можеби лудо ако се земе во предвид дека електричните автомобили претставуваат помалку од еден процент од вкупнп продадените возила секоја година во светот.
На Toyota и требаа 18 години да продава хибридни возила за да стигне до учество од три отсто во светскиот пазар, а хибридите инаку се поевтини од чисто електричните возила. Tesla има само актуелни тековни модели а со производството на нешто повеќе од 100.000 возила во 2017 година е доминантен играч на ова поле со години.
Од наведените околу 90 милијарди долари, се очекува дека најмалку 19 милијарди ќе бидат инвестирани од страна на автомобилските компании од САД, околу 21 милијарда од Кина и 52 милијарди од Германија.
„Tesla добива сериозна конкуренција“, вели Мајк Џексон, извршен директор на AutoNation, најголемиот американски автомобилски ланец од дилери. Џексон очекува до 2030 година електричните автомобили да бидат 15-20 проценти од продажбата на нови возила во САД.
Сепак, главниот двигател на овој тренд е најголемиот пазар на автомобили во светот – Кина, бидејќи најнаселената земја во светот постојано ја зголемува својата квота за електрични возила поради заштитата на животната средина.
Во исто време, во Западна Европа и делови од САД, особено во Калифорнија, се врши притисок регулаторните тела за забрана на возилата на фосилни горива.
Ford планира 40 модели на електричен и хибриден погон, Daimler околу 50, а голема експанзија најавува и BMW кој во 2017 година го достигна производството на Tesla со своите електрични возила.
Сепак, најголемите инвестиции се очекуваат од Volkswagen, кој „потресен“ од аферата Dieselgate, драстичо ги смени плановите за до 2030 година и планира да инвестира 40 милијарди во развојот на дури 300 модели на електрични возила.