Карлос Саинц Јуниор во Ferrari до крајот на 2024 година!
Ferrari на својата официјална веб-страница потврди дека го продолжиле договорот со Карлос Саинц со кој Шпанецот се врзува со тимот од Маранело најмалку до крајот на 2024 година!
Саинц во Ferrari дојде минатата сезона по заминувањето на Себастијан Фетел и со своите резултати јасно стави до знаење дека апсолутно ја заслужува таа позиција. Саинц по потпишувањето на новиот договор изјави дека нема поголемо задоволство од возењето за Ferrari во Formula 1.
„Многу сум задоволен што се договоривме да ја продолжиме соработката и во наредните години. Отсекогаш сум велел дека нема подобар тим за кој може да возите во Formula 1, а носењето црвен комбинезон е нешто што не може да се спореди со ништо друго. Мојата прва сезона во тимот беше солидна, но вистинската работа се случуваше зад сцената и дури сега ги гледаме плодовите од таа напорна работа“.
„Се чувствувам одлично бидејќи цело време ја чувствував целосната поддршка од тимот, а овој договор само дополнително ја покажува почитта што ја имаат кон мене. Едвај чекам повторно да седнам во црвениот болид и да ги израдувам сите навивачи на нашиот тим. Се надевам дека во овој болид ќе успеам да постигнам некои од моите цели, а првата е да победам на трка“, заклучува Саинц.
Краток коментар за продолжувањето на соработката даде и Матија Биното, шефот на тимот на Ferrari, кој потврдува дека и понатаму верува дека ја имаат најдобрата возачка двојка во Formula 1 и се надева дека Шпанецот ќе постигне одлични резултати за тимот заедно со Чарлс Леклерк.
„Подолго време велев дека ја имаме најдобрата возачка двојка на гридот, па логично беше да го продолжиме договорот со Карлос Саинц за да ја обезбедиме потребната стабилност во тимот. Во времето поминато внатре во тимот, сфативме дека тој ги покажа сите квалитети на одличен возач и ги исполни сите наши очекувања“.
„Покрај болидот, Карлос е одличен работник кој посветува многу внимание на најмалите детали, а ова е нешто што може само да не одведе во уште подобар правец. Заедно можеме да целиме кон највисоки достигнувања и се надевам дека ќе испишеме нови поглавја во историјата на тимот на Ferrari“, вели Биното.