Како нафтените гиганти се подготвуваат за електричната иднина?
Некои од нив сериозно вложуваат во станици за полнење
Се повеќе аналитичари на глобалниот енергетски пазар обрнуваат внимание на фактот дека нафтените гиганти вложуваат сериозни напори што побрзо да се вклучат во бизнисот со електричните автомобили, бидејќи офанзивата веќе е неповратен процес. Веќе сите големи автомобилски компании развиваат електрични и електрифицирани модели, а побарувачката на еколошките автомобили продолжува да расте.
Кина е најголемиот пазар на електрични автомобили во светот, а растот на продажбата во Северна Америка е веќе одржлив. Што можат да направат нафтените гиганти за да има бизнис за нив кога електричните автомобили ќе почнат да доминираат на патиштата?
Според изданието Energy Voice, нафтените компании се најактивни во инвестирањето во мрежи од станици за полнење, така да тие повторно ќе можат да продаваат „гориво“ на возачите, иако и во форма на електрична енергија.
Францускиот Total веќе има таква компанија, Direct Energie, а прв кој реагираше беше Shell, бидејќи првата таква зделка беше направена токму од оваа компанија – купување на британскиот синџир на станици за полнење First Utility.
Интересно, Shell спроведува две стратегии за побрз влез на пазарот за станици за полнење. Првата е поврзана со купувањето на операторот на станици за полнење NewMotion, кој управува со 30.000 полначи во 25 европски земји. Покрај тоа, Shell веќе инсталира и сопствени станици за брзо полнење, кои се развиваат под марката – Shell Recharge.
Уште еден гигант, BP, исто така, инвестираше во станици за полнење. Компанијата неодамна го најави купувањето на Chargemaster, компанија која тврди дека е најголема во индустријата во Велика Британија. Chargemaster контролира 6.500 јавни места за полнење и уште 30.000 во приватни згради и домови.
BP Chargemaster планира да инсталира ултра брзи станици за полнење што ќе овозможи полнење на електричните возила во рок од 10 минути. Ова се смета дека ќе биде најуспешното бизнис решение на BP во блиска иднина, бидејќи многу од сопствениците на електрични возила во Велика Британија и Европа немаат можност да ги полнат дома, а со такви станици за полнење оваа потреба ќе отпадне и компанијата ќе може да конкурира со времето за полнење на конвенционален автомобил на бензинска пумпа.