Alpine е шести тим по ред кој го претстави својот болид за Светското шампионат во Formula 1 за 2021 година 

По трансформацијата на тимот од Renault во Alpine, новиот болид го доби името А521, а со него во лов на бодови, подиуми, победи … ќе тргнат повратникот Фернандо Алонсо и неговиот француски колега Естебан Окон.

Исто како и Mercedes претходно истиот ден, така и болидот на Alpine на јавноста беше претставен на виртуелен начин, а во програмата учествуваше Естебан Окон, домашната надеж на тимот Alpine.

„Многу сум возбуден што ќе го претставувам Alpine F1 Team. Мислам дека е одлично да се видат промени во тимот и секогаш е возбудливо да се гледаат нови бои. Јас веќе го имав првото возење како Alpine возач на релито во Монте Карло, што беше брилијантен почеток на новата година. Морам да кажам, ми се допаѓаат новите бои и имањето на француско знаме на автомобилот ме прави многу горд. Одлично е, возбудливо е и мислам дека ни претстои одлична сезона“, изјави Окон.

Минатата сезона Renault се врати на подиумот. Шампањот двапати го отвори Даниел Рикиардо и еднаш Естебан Окон. Австралиецот одлучи својата среќа да ја бара во McLaren, а Renault ќе бара пат до успехот со Окон и двојниот светски шампион во Formula 1 од 2005 и 2006 година Фернандо Алонсо.

Шпанецот Фернандо Алонсо не беше во можност да биде присутен на презентацијата на болидот, но тој одговори со видео порака.

Минатата сезона, по голема борба со McLaren и Racing Point, Renault го освои петтото место конструкторската листа, а оваа година посакува барем чекор повеќе, и покрај тоа што конкуренцијата во тој дел од поредокот повторно ќе биде жестока.

Во текот на зимата се случија промени и во управувачката структура на тимот. Сирил Абитебол, поранешниот шеф на F1 тимот, го напушти Alpine. Давиде Бривио стана нов директор на трки, извршен директор е Марцин Будковски, и двајцата се одговорни пред извршниот директор на Alpine, Лоран Роси.

Резервен возач на Alpine во новата сезона ќе биде поранешниот член на Toro Rossо и Red Bull, Даниел Квјат.