Интервју со Ландо Норис: Сега сум многу повеќе фокусиран на себе и возењето
Возачот на екипата на McLaren, Британецот Ландо Норис, оваа сезона остварува одлични резултати за својот тим
По осум трки во шампионатот, Ландо на бодовното салдо има одлични 86 поени и суверено го држи четвртото место во возачка конкуренција. Тој е единствениот возач кој освоил бодови на сите трки досега, а тука мора да се посочат и двата подиуми во Имола и Монако. За Норис може да се каже дека го предводи остатокот од светот во Formula 1 со неговиот квалитет на возење, во кој Хамилтон и Верстапен се свет за себе во моментов.
Во интервју дадено за официјалната Formula 1 страница, младиот Британец го споредува начинот на работа и соработка меѓу неговиот поранешен и сегашен тимски колега, Карлос Саинц, односно Даниел Рикиардо.
„Даниел и јас добро се снаоѓаме, сè уште добро се забавуваме и сме добри колеги. Но, нашите интереси надвор од патеката се многу различни, тој е позаинтересиран за вина и облека, додека мене повеќе ме интересираат голфот, е-спортовите и слични работи, исто како и Карлос. Да речеме дека Карлос и јас сега би играле голф цело време, ќе се дружевме, ќе се тркавме еден со друг и слично. Повеќе заедничко време и уживање заедно е лесен начин да постигнете подобри односи меѓу тимските колеги – играњето голф е една од оние работи кои ја прават таа врска подобра“.
Ландо Норис и Даниел Рикиардо (McLaren)
Што се однесува до односот помеѓу Норис и Рикиардо на патеката оваа сезона, работите се прилично јасни. Младиот Британец целосно доминираше во однос на искусниот Австралиец и во овој момент бодовната разлика меѓу двајцата е дури 52 поени во корист на Норис. Покрај тоа, доколку во Formula 1 се доделуваше награда за возачот кој остварил најголем напредок, тоа сигурно ќе беше возачот со број 4 на болидот и во генералниот пласман.
Токму овој бум во кариерата во однос на резултатите и одличните перформанси резултираше со нов и побогат договор од страна на тимот на McLaren, како и се почести споредби со Луис Хамилтон. На почетокот на својата кариера, тој имаше нормални амплитуди во формата и пристапот, што за многумина беше малку несериозно. Но, оваа сезона може слободно да се каже дека Норис е еден од најдобрите возачи на гридот, додека самиот Британец има своја „теорија“ за одличните резултати оваа година.
„Мислам дека сум многу повеќе фокусиран на себе отколку порано, фокусиран на важните работи. Најмногу се фокусирам на моето возење, за постигнување перформанси еднакви на оние што ги имам оваа година. Згора на тоа,… тука е и фокусот на работи кои ми овозможуваат да направам подобра работа, поминувајќи многу време со механичарите и помалку зборувајќи, забавувајќи се и правејќи слични работи“.
Победнички подиум на ГП Монако 2021 – Верстапен, Саинц и Норис
Иако неговиот фокус на постигнување на што подобри резултати засега му го носи четвртото место на Норис во генералниот пласман, младиот Британец вели дека сè уште многу се забавува во Formula 1, исто како и на почетокот на кариерата. Без оглед каков однос има со својот тимски колега, Норис и понатаму е добриот дух на Formula 1, но оваа сезона, покрај тоа што е симпатичен, тој добива и се поголема почит внатре во тркачката заедница и меѓу фановите.