Има или нема единство помеѓу земјите од ЕУ околу целите во врска со емисиите на CO2
Министрите за екологија на ЕУ ќе се обидат да најдат компромис за „острината“ на поставените ограничувања кога станува збор за емисиите на јаглерод диоксид од патничките автомобили и ванови
Германија предупредува дека превисоко поставените цели би можеле тешко да ја погодат автомобилската индустрија и работните места.
Помеѓу она што се нарекува „екологија“ и „пазарна конкурентност“, владите на европските земји се поделени во разговорите за лимитите што треба да се имплементриаат до 2030 година.
Германија, како автомобилски индустриски гигант, ги поддржува предложените цели кои подразбираат 30% намалување на емисиите на CO2 споредено со нивото од 2021 година. Франција, Холандија и други земји, од друга страна, се залагаат за повисок лимир од 40 отсто, што е во согласност со поставените еколошки цели поддржани од европските законодавци минатата недела.
Сепак, постои група на земји, вклучувајќи ја и Шпанија, кои сеуште не одлучиле кон кој табор ќе се приклучат. Австрија, која е претседател на ЕУ, нуди компромис од 35%, надевајќи се со тоа ќе се постигне договор помеѓу 28 земји.
Доколку исходот од денешната дискусија биде позитивен, преговорите за конечната регулатива би можеле да започнат со две други европски законодавни тела – Европскиот парламент и Европската комисија – веќе утре.
Извори велат дека Германија, со поддршка на источноевропските земји, може да ги собере потребните гласови за мнозинство.
Ограничувањата во транспортниот сектор, единствениот во кој емисиите на загадувачки супстанци продолжуваат да растат, имаат за цел да и помогнат на ЕУ да ја постигне целта за намалување на емисиите на јаглероден диоксид за најмалку 40 проценти под нивоата од 1990 до 2030 година.
Дебатата доаѓа само еден ден по соопштението на Меѓувладиниот панел на Обединетите нации за климатски промени (IPCC), во кој се предупредува дека општеството ќе мора да воведе промени „без преседан“ со цел да се постигнат целите во борбата против глобалното затоплување.