Финалниот изештај за 2019 година вели: рекорден број испораки на автомобили и рекордна цена за акциите, а продажбата на уште два модели на Tesla ќе започне во текот на следните две години, поради што Маск е уште поголем оптимист

Зад Илон Маск е уште една бурна година во текот на која тој откри два нови модели на Tesla, а по објавување на финансиските извештаи конечно и инвеститорите можат да бидат крајно среќни и оптимисти. Цената на акција го достигна највисокото ниво досега – додека во средината на минатата година нејзината цена беше помалку од 180 американски долари, почнувајќи од 2020 година нејзината вредност е повеќе од 440 американски долари.

Како потсетување, кога Маск велеше дека обезбедил средства за купување на акциите на Tesla за да ја направи компанијата приватна, тој зборуваше за цена на акцијата од 420 долари.

За разлика од претходните години и големите каснења кога станува збор за испораките, во 2019 година немаше проблеми со производството и испораките, па биле испорачани дури 367.500 автомобили, од кои повеќе од 110.000 во последниот квартал од минатата година. Таквата бројка е во согласност со претходните предвидувања на Маск и тимот, а значи раст од околу 50 проценти во однос на продажбата на возила во 2018 година кога биле продадени помалку од 250.000 возила.

Овие се фантастични бројки и секако, во иднина може да се очекува само уште поголема продажба, па дури и подобро бизнис работење – ако сè се одвива без некои (неочекувани) проблеми, се разбира. Побарувачката за автомобилите на Tesla би требало да продолжи да се зголемува бидејќи Маск веќе откри две нови возила (Model Y и Cybertruck), кои на патиштата треба да стигнат кон крајот на оваа или почетокот на следната година.

За да остане во чекор со побарувачката, Tesla отвори фабрика и во Пекинг, од каде првите примероци веќе се доставени до клиентите кон крајот на минатата година. До средината на 2021 година треба да биде пуштена во употреба уште една фабрика на Tesla.