И додека другите автомобилски производители за овогодинешното издание на CES подготвиле голем број на интересни системи, Toyota оди чекор подалеку и најавува изградба на град на иднината

Наречен е Woven City, а ќе биде изграден во подножјето на планината Фуџи во Јапонија. Овој град ќе се простира на нешто повеќе од 70 ha и ќе биде целосно затворен екосистем напојуван со водородни горивни ќелии. Во градот е планирано да живеат истражувачи со нивните семејства, кои ќе развиваат системи во областа на автоматизација, роботика и вештачка интелигенција воопшто. Сите овие системи ќе бидат тестирани во нивните паметни домови.

Градот е дизајниран од страна на данскиот архитект Бјарк Ингелс, кој бил воодушевен од идејата за целосно поврзана заедница без емисии на гасови со автономна транспортна услуга. Дури и градежните материјали ќе бидат еколошки и ќе бидат базирани на дрво, а покривите ќе добијат соларни панели. Предвидени се три вида на патишта, еден е резервиран за пешаци, а друг е резервиран за пешаци и лични транспортери. Конечно, третиод вид на пат е оној на кој може да се движат класични автомобили. Најголемиот дел од транспортот ќе го чинат автономни електрични шатл возила.

Почетокот на изградбата е планиран за следната година, а на стартот е предвидено да прими околу 2000 станари. Нив ги очекуваат дури и куќни роботи, а преку специјални сензори ќе се следи здравјето на секој од станарите. Toyota сè уште не открива колку ќе чини изградбата на најмодерниот град во светот.