Верзијата со хибриден погон ќе користи 2.0 бензински агрегат и два електрични мотори

Honda ова лето го претстави новиот CR-V за европскиот пазар со само еден погонски агрегат – 1,5 литарски VTEC турбо бензинец, а купувачите ќе можат да изберат помеѓу погон на предните тркала или погон на сите тркала.

Новиот CR-V стандардно доаѓа со 6-степен мануелен менувач, додека CVT преносот ќе биде достапен во 4×4 верзијата. Со 6-брзински мануелен менувач, CR-V располага со 173 КС и 220 Nm вртежен момент, а со CVT – 193 КС и 243 Nm вртежен момент.

Сега, од Honda за 2019 година, најавуваат уште една опција што се однесува до погонскиот систем, хибридна верзија како замена за претходната дизел варијанта. Воедно, ова ќе биде првиот CR-V со хибриден погон во Европа.

Автомобилот моќноста ја добива од 2.0 литарски i-VTEC бензинец и два електрични мотори. Системот за директен пренос има еден степен на пренос, како и кај електричните автомобили, а за складирање на електрична енергија се користат литиум-јонски батерии. Вкупната комбинирана моќност на хибридниот систем е 184 КС, а максималниот вртежен момент е 315 Nm.

Автомобилот е опремен со интелигентна Multi-Mode Drive (i-MMD) технологија која автоматски го избира оптималниот режим на возење за да постигне највисока можна ефикасност.

Во EV Drive (електричен) режим, возилото се движи само на струја, а потребната енергија се добива од литиум-јонски батерии, додека бензинецот е исклучен. Во Hybrid Drive, бензинскиот мотор е активиран, но само како генератор на електрична струја, со цел да ги надополни батериите додека возите. Кај Engine Drive модот, бензинецот е поврзан со спојката и директно испраќа електрична енергија на погонските тркала, додека вишокот на енергија се претвора во електрична енергија и се депонира во батериите. За возење низ град Honda CR-V Hybrid користи или хибриден погон или EV Drive, додека режимот Engine Drive најчесто се активира при возење по автопат и при големи брзини.

Графичкиот приказ на тековниот режим на возење може да се следи на екранот, каде што исто така можете да го видите статусот на батеријата, начинот на полнење, дали е наполнета или празна во одреден момент и слично.

Системот i-MMD автоматски го избира најпосакуваниот режим на возење без интервенција на возачот.

Во јапонскиот производител велат дека преминот од еден режим на друг е практично незабележлив за патниците. Тие, исто така, посочуваат дека возењето е речиси нечујно благодарение на електричните мотори, но исто така и многу тивка работа на бензинецот.

Honda CR-V Hybrid ќе започне со производство во октомври 2018 година, а во првите месеци од 2019 година ќе пристигне и во продажните салони во Европа.