![Хаотична сабота во Белгија: Верстапен најбрз по стравичниот инцидент на Норис од McLaren / ВИДЕО](https://dodajgas.mk/wp-content/uploads/2021/08/E94x3RqWQAQxbIw.jpg)
Хаотична сабота во Белгија: Верстапен најбрз по стравичниот инцидент на Норис од McLaren / ВИДЕО
Холанѓанецот ја освои пол-позицијата за денешната трка за ГН на Белгија на сесија која се возеше под дожд и за време на која го видовме големиот инцидент на Ландо Норис, но и феноменалното возење на Џорџ Расел
Пред стартот на квалификациите почна да врне и условите не беа доволно добри, па сесијата беше одложена, но само за десет минути.
Возачите на Williams беа единствените на интермедиа гуми при излегувањето на патеката и тоа многу брзо се покажа како добар потег бидејќи сите беа побавни за 4-5 секунди.
Наскоро и останатите ги сменија гумите, а патеката се забрзуваше како што минуваше времето, така што времињата и позициите постојано се менуваа.
На крајот, Норис беше најдобар со време од 1.58,301, четири десетинки пред Верстапен и речиси секунда пред Хамилтон. И двата возачи на Williams одржуваа одлично темпо до крајот на квалификациите, па покрај Шумахер и Мазепин, квалификациите по првата сесија ги завршија и Цунода, Џовинаци и Раиконен.
Возачите во втората квалификациска серија влегоа со интермедиа гуми и веднаш сите влегоа на патеката поради опасноста од дожд и можен прекин на квалификациите.
Норис повторно имаше најдобро време, постигнато во самиот финиш, две десетинки пред Хамилтон, додека Ботас беше трет.
Изненадувањето во Q2 беше елиминацијата на двата Ferrari болида. Од Ferrari и пред трката објавија дека оваа патека не им одговара, а најмалку кога има и дожд. Покрај Саинц и Леклерк, елиминирани беа и Латифи, Алонсо и Строл.
На крајот од втората сесија, дождот повторно се засили и условите пред почетокот на последната сесија беа навистина лоши.
Нешто пред почетокот на последната сесија, Фетел дури и побара прекинување на сесијата, но тоа не се случи и беше запалено зеленото светло за старт. Поради премногу вода на патеката, не помина многу до инцидентот кој едноставно ги принуди стјуардите на трката да ја прекинат сесијата. Ландо Норис со неговиот McLaren изгуби контрола и удри во заштитниот ѕид по што болидот беше целосно уништен. За среќа, Норис помина без повреди.
https://youtu.be/EzTmGimYn1k
Паузата траеше 45 минути, а најдобриот избор по враќањето на патеката беа повторно интермедиа гуми.
Хамилтон имаше голема предност по првите кругови со време од 2.01,552 с. Потоа Расел изненадувачки извозе со време од 1.00,086 и го презеде првото место, додека Хамилтон остана зад него и по вториот обид. И кога сите помислија дека Британецот може да стигне до сензационална пол-позиција за Williams, Верстапен успеа да се надмине себеси, а со тоа и Расел со време од 1.59,765 стотинки.
Рикиардо (McLaren) заврши на четвртото место пред Фетел, Гасли, Перез, Ботас, Окон и секако Норис, кој поради инцидент воопшто и немаше извозено време во Q3.