Луис Хамилтон победи и бодовно се изедначи со Верстапен пред последната трка во Абу Даби

Луис Хамилтон победи во хаосот на ГН на Саудиска Арабија и последната трка следната недела во Абу Даби ја чека целосно бодовно израмнет со Макс Верстапен. Неверојатен расплет на луда сезона, исто како и лудата трка на новата патека Jeddah Corniche Circuit во која имаше се и сешто. 

Ајде да одиме по ред.

На еден час пред почетокот на трката стигна и официјалната потврда од Red Bull дека по проверката на болидот на Верстапен немало потреба од замена на неговиот менувач по инцидентот во квалификациите. Исто така, сите од Formula 1, тимовите, возачите и организаторите на шампионатот одржаа едноминутно молчење за Френк Вилијамс кој почина пред неколку дена. Временските услови пред самиот почеток беа нормални за време кога сонцето заоѓа и кога се палат рефлекторите, па температурата на патеката беше 32, а на воздухот 28 степени.

Хамилтон имаше одличен старт, како и Ботас, па болидите на Mercedes убедливо го држеа врвот, додека Верстапен од третата позиција не успеваше да им се закани. Сепак, во 10-от круг младиот Шумахер удри во оградата и тешко го оштети болидот, а безбедносното возило влезе на патеката. Возачите на Mercedes го искористија моментот и веднаш се упатија кон боксовите на промена на гумите, додека Верстапен реши да се „коцка“ и остана на патеката. Одлуката на Red Bull се покажа како одличен избор, бидејќи трката набрзо беше прекината поради санирање на искршената ограда по ударот на Шумахер која требаше да се санира, а тоа значеше можност и за Верстапен да ги промени гумите, но и да ја задржи лидерска позиција пред рестартот на трката.

Во новиот старт, Хамилтон го заобиколи Верстапен, но Холанѓанецот „излета“ од патеката и скратувајќи го првиот свиокот успеа да ја врати првата позиција, но на многу сомнителен начин. Ситуацијата ја искористи Естебан Окон (Alpine) и се проби на втората позиција. 

И повторно инцидент и нов прекин на трката.

Додека болидите мируваа, траеше жестока конверзација на линија Mercedes-FIA и Red Bul-FIA. Не сакајќи да ја уништат трката и битката за титулата, судиите на трката му понудија на Верстапен во рестартот да започне втор, зад Хамилтон. Но, заборавија на Окон, па подоцна пристигна уште една понуда според која Окон беше прв, Хамилтон втор, а Верстапен трет. Таа понуда беше прифатена, пред се од Red Bull каде стравуваа од построга казна за Верстапен.

По третиот рестарт, Макс Верстапен излета напред како да има ракетен погон и веднаш го презеде водството. Хамилтон падна на третото место зад храбриот Окон кој сепак не издржа долго и набрзо беше претекнат од Британецот, за повторно да гледаме пресметка на двајцата во моментов најдобри светски возачи.

Хамилтон беше најбрзиот на патеката, но секогаш кога се подготвуваше за напад на Верстапен, на патеката се случуваше некој инцидент по кој се појавуваше виртуелното возило за безбедност. Сето тоа одеше ви прилог на младиот Холанѓанец чии средни гуми (Хамилтон беше на тврда компонента) на тој начин добиваа продолжување на „животот“.

По секое продолжение на трката, борбата на двајцата претенденти за титулата стануваше се поинтересна, за во 37.круг, Верстапен повторно да „излета“ од патеката по притисокот од Хамилтон, но Холанѓанецот во последен момент ја одбрани позицијата, при што имаше контакт меѓу двата болида. Овој момент се најде под истрага.

Верстапен е луд“, изјави во тој момент Хамилтон.

Макс Верстапен на крајот беше казнет со пет секунди затоа што не го пушти Хамилтон, односно отпуштање на педалата за гас на сред патека (ќе се испостави дека преку тимското радио добил сугестија да го пропушти  Хамилтон за да не добие нова казна), но тоа го прави некако нагло, по што Британецот ќе го закачи и ќе го оштети предното крило на болидот. 

Но тоа и не беше некоја пречка за Хамилтон. На седум круга пред крајот Хамилтон конечно го заобиколи Верстапен чии меки гуми беа доста истрошени и го задржа водството до крајот.

Со оглед на бодовната изедначеност, Во Абу Даби не чека вистинска драма и конечна разврска во борбата за шампионската титула како за возачи така и за конструктори.Севкупно комплетна драма, бидејќи и двајцата имаат ист број бодови пред последната трка од сезоната која е закажана за следната недела.

2021 Saudi Arabian Grand Prix / Резултати

2021 Saudi Arabian Grand Prix  / Race Highlights

2021 Saudi Arabian Grand Prix / Изјави по трката

Луис Хамилтон

„Не разбирам зошто нагло закочи, па така налетав на него. Подоцна добив порака дека му наредиле да ме пушти, па оваа ситуација беше прилично збунувачка. Сепак, покажавме дека сме тим, што се гледа во вториот дел од оваа сезона. Red Bull има чисто темпо тие се брзи и тешко се заобиколуваат. Валтери направи добра работа денеска и донесе нови бодови за тимот“. изјави Хамилтон веднаш по трката.

Макс Верстапен

„Сешто се случи за време на трката и не се согласувам со некои работи, но тоа е што е. Дадов се од себе на патеката, но не бев сигурен дали гумите ќе издржат. Беше добро на почетокот, но потоа почнаа да попуштаат кон крајот на трката. Сепак, ова е сепак второ место“, изјави Верстапен.

Потоа го коментираше контактот со Хамилтон кога имал намера да го пропушти.

„Сакав да го пуштам и го намалив темпото. Бев десно, но тој се двоумеше да претекне. После тоа имаше контакт и навистина не разбирам што се случи таму“, изјави Верстапен.

Валтери Ботас

Финецот го победи Естебан Окон за третото место на самиот крај од последниот круг од трката.

„Не беше лесен ден. Имаше многу пречки поради црвените знамиња и се што се случуваше. Мислам дека првото црвено знаме беше грешка кога ги монтиравме тврдите гуми. Некои возачи останаа на средна компонента. Подоцна се префрливме на тврдата компонента и  беше добро. Притискавме постојано, но не беше лесно да се надигруваме. Сепак, на главниот правец успеав до целта“, изјави Ботас.