Хамилтон ја поддржа „силната порака“ на Mercedes со новите бои на болидот
Луис Хамилтон јавно ја поддржа и ја пофали одлуката на неговиот тим да ја промени комбинацијата на бои на болидите за оваа F1 сезона, кои од сребрени станаа „црни стрели“
Британецот му се заблагодари на неговиот тим што испрати „силна и недвосмислена“ глобална порака со оваа одлука, со што ја поддржа кампањата против расизмот, која е особено популарна низ целиот свет во последните неколку недели, како резултат на настаните во САД.
Како потсетување, како што веќе беше најавено во пресрет на одложениот старт на сезоната со австриското Гран-при, од тимот на Mercedes објавија одлука за промена на боите на болидите кои сега ќе бидат претежно црни, што е значајно отстапување од сребрената боја, која е заштитен знак на Mercedes.
Ваквата одлука на тимот ќе ја пропратат и Луис Хамилтон и Валтери Ботас, кои оваа сезона ќе носат црни комбинезони, а дизајнерско прилагодување ќе претпрат и кацигите на двата возачи.
Оваа одлука ја коментираше шесткратниот светски шампион, кој се пофали и во неколку наврати јавно ја поддржа одлуката на неговиот тим.
„Многу е важно што нашиот тим го препозна овој важен момент во кој се наоѓаме и што на овој начин ги поддржаа напорите за унапредување на еднаквоста и правичноста. Лично, во животот честопати сум почувствувал непријатности и проблеми поврзани со расизмот. Не само јас, туку и моето семејство, моите пријатели и затоа навистина зборувам од срце кога апелирам за промени“, вели Британецот.
Хамилтон го пофали и шефот на тимот на Mercedes, Тото Волф, кој ја препознал важноста на овој проблем и ја поддржал со толку голема и силна порака.
„Кога во неколку наврати разговарав со Тото за ова прашање, секогаш потенцирав дека меѓусебното почитување, заедничката работа и единството на сите нас се исклучително важни. Им се заблагодарувам на Тото, но и на целото раководство на Mercedes, кое имаше трпеливост и слух да ме сослуша и да ги разбере пораките што им ги пренесував од личното искуство и на крајот да одлучат да направат толку голема промена“.“
Слободно може да се каже дека оваа одлука на тимот на Mercedes е всушност многу силно поврзана со активизмот на Луис Хамилтон, кој во последните недели стана многу активен и истакнат поддржувач на движењето „Black Lives Matter“ и во неколку наврати дури и отворено го критикуваше раководството на Formula 1 за неговото прилично млако и неодлучно изразување ставови за прашањето на расизмот и нетолеранцијата, што очигледно вроди со плод. Исто така, Хамилтон, како несомнено, прва ѕвезда меѓу возачите, ги повика своите колеги возачи поактивно да се вклучат во кампањата и да отфрлат каква било форма на омраза и нетолеранција.