Групацијата Volkswagen блиску до влез во Формула 1?
Германскиот гигант наскоро би можел да се приклучи на најбрзиот циркус во светот
Не е тајна дека групацијата Volkswagen е многу заинтересирана за учество во Formula 1, а неодамна беше одржан и официјален состанок со официјалните лица на овој шампионат. Kонтактите на високо ниво воопшто не се изненадување, бидејќи човекот кој е актуелен директор на Formula 1, Стефано Доменикали, со години работеше во групацијата VW и раководеше со Lamborghini.
Останува мистерија која од марките од портфолиото на Volkswagen ќе влезе во Formula 1, но суштинскиот избор се сведува на две марки – Audi и Porsche. Секако дека не би влегле целосно самостојно, туку преку партнерство со некој од сегашните тимови. Германските медиуми се убедени дека тоа ќе биде преку Sauber.
Тоа би значело дека Alfa Romeo ќе мора да бара друг тим или да го напушти ова натпреварување – двете опции се сосема реални. Впрочем, Alfa Romeo и Sauber имаат договор кој се продолжува секоја година по завршувањето на првенството. Германците наводно сакаат да се вратат во Formula 1 во 2025 година, што би значело дека Alfa Romeo ќе ја гледаме барем уште некое време во оваа престижна серија.
Не би било првпат Sauber да соработува со некои од германските производители. Во далечната 1994 година користеа мотори на Mercedes, а од 2006 до 2009 година ги бранеа боите на BMW.