Валентино Роси или „Il Dottore“ својата прва трка во најмоќната класа ја извозе во 2000. година, за вчера на последната трка во кариерата да заврши на десеттото место

Легендарниот италијански мотоциклист Валентино Роси (42) ја заврши својата величествена кариера на десеттото место на трката за Големата награда на Валенсија, последната трка од овогодинешниот светски шампионат во Мото ГП.

„Докторoт“ зад себе има кариера во која целосно го промени спортот и беше негова прва ѕвезда, а целиот свет на спортот преку социјалните мрежи се збогува со Роси и му честита за неверојатната кариера.

Роси помина дури 25 сезони како возач во различни класи од светскиот шампионат во мотоциклизам, освојувајќи притоа девет титули, по една во класите до 125 кубика (1997) и до 250 кубика (1999) и седум во најмоќната или кралската класа MotoGP (2001, 2002, 2003, 2004, 2005, 2008 и 2009 година).

Вкупно, Роси има остварено дури 115 победи, 89 во класата MotoGP, 14 во класата од 250 кубика и 12 во класата од 125 кубика, а има извозено 432 трки.

Дали е Роси најдобриот на сите времиња? Времето ќе каже. Но дека е најголемиот на сите времиња, тоа дефинитивно да.

Победник на последната трка сезонава е сонародникот и ученик на Роси во неговата академија за возачи, Франческо Багнаја (Ducati), додека првата светска титула во кариерата уште порано ја обезбеди Французинот Фабио Квартараро (Yamaha).