Голема надеж за поевтини електрични автомобили: Клучниот материјал за батериите го содржат раковите?!
Можеби светот и автомобилската индустрија ќе добијат економична и еколошка алтернатива, но… тешко на раковите!
Група инженери од Универзитетот во Мериленд (САД) ги тестираала лушпите од рак и хитинот, што тие го содржат, како замена за многу скапиот литиум во батериите за електричните автомобили. Не треба да се заборави дека екстракцијата на литиум има значителна и деструктивна цена за животната средина. Понатаму, литиум-јонските батерии тешко се разградуваат или рециклираат. Цената на литиумот на пазарот се искачи на огромни вредности. Руско-украинската војна секако е еден од предизвикувачите на таквата состојба, бидејќи Русија е најголемиот извозник на литиум во светот, а поради меѓународните ембарга наметнати на Путин, извозот е запрен.
Меѓу различните материјали, научниците од Универзитетот во Мериленд откриле дека китозанот е одлична опција за иднината на батериите за возила со нулта емисија. Студијата објавена пред неколку дена ги истакнува одличните резултати со овој полимер. Со децении, научната заедница извлекува хитин од лушпи од рак за различни намени, од текстил до биоразградлива пластика. И хитинот и неговиот сестрински полимер китозан се сметаат за еколошки и нетоксични, така што има голем интерес за инкорпорирање на овие хемиски соединенија во батериите.
Уште во 2016 година, во лабораторија на Универзитетот во Британска Колумбија, откриле дека со готвење на хитинот со азот на високи температури, лушпата на ракот се трансформира во материјал погоден за електроди. Работата во лабораторијата на Универзитетот во Мериленд довела до одлични резултати. Овој материјал генерирал електрична струја од 50 милиампери на квадратен сантиметар 400 часа (или 1.000 циклуси на полнење), што е многу блиску до она што можат да го направат малите литиумски батерии.
Друга голема предност на хитинот е неговата цена. Китозанот чини само околу 1,75 долари по грам, а не било потребно многу материјал за да се направи прототипот на Универзитетот во Мериленд (околу 20 микрограми за батерија со големина на паричка).
Можеби светот и автомобилската индустрија ќе добијат економична и еколошка алтернатива, но… тешко на раковите!