Dacia има само еден целосно електричен модел – Spring, а неговиот удел во вкупната продажба на брендот е 12 отсто

„Dacia ќе продава мотори со внатрешно согорување се додека може, дури и по 2030 година, односно се додека тоа биде законски можно“, вели извршниот директор на брендот Денис Ле Вот за Automotive News Europe.

И додека Renault планира да стане целосно електричен бренд до 2030 година, Dacia ја задржува опцијата за одложување до 2035 година, кога европските регулативи ќе налагаат сите продадени автомобили да имаат нула емисија на C02, што практично ќе ја забрани продажбата на мотори со фосилни горива.

„Renault ќе се стреми да биде шампион кога станува збор за електрични мотори, но тоа носи ризик“, вели Ле Вот и додава дека тоа е причината зошто постои Dacia. „Во зависност од тоа колку брзо пазарот ќе се префрли на електромотори и апетитите на клиентите, Dacia е тука, подготвена на се“.

Dacia има само еден целосно електричен модел – Spring, а неговиот удел во вкупната продажба на брендот е 12 отсто. Челниците на романскиот бренд велат дека брендот ќе се електрифицира како технологијата ќе станува подостапна, за да не се потисне основата на Dacia, која меѓу другото се базира на прифатлива цена.

Следната година Dacia планира да го понуди својот прв хибриден модел, како опција на моделот Jogger. Jogger ќе го користи хибридниот систем E-Tech на Renault, кој првпат беше претставен во 2020 година.