Холандскиот возач на Red Bull, Макс Ферстапен, триумфално ја заврши трката за ГН на Мексико, 18-та трка од овогодинешниот шампионат во Formula 1. Ова беше трета победа за младиот Холанѓанец на патеката во Мексико Сити, деветта оваа сезона, а 19-та во кариерата

Интересно, Верстапен победи во болид дизајниран од Адријан Њуи на патеката каде што пред 30 години за прв победи болид дизајниран од Њуи. Со болидот на тогашен Williams управувал Рикардо Патрезе).

Ако така може да се каже, најблиску до Верстапен беше Луис Хамилтон од Mercedes, кој трката ја заврши на второто место со заостанување од 16,5 секунди, додека на третото скалило од подиумот на радост на домашните фанови се најде Серхио Перез (Red Bull). Актуелниот шампион и вториот возач на Red Bull на крајот ги делеше само една секунда.

Трката за ГН на Мексико практично беше решена на самиот старт, бидејќи Верстапен успеа да излезе пред Хамилтон и Перез, користејќи ја перфектната заветрина зад освојувачот на пол позицијата Валтери Ботас. Набргу по стартот Финецот во тркачки инцидент беше удрен од Даниел Рикардо (McLaren), поради што се сврти на патеката, за потоа да има трка за заборав која ја заврши на 15-та позиција. Во друг инцидент, Естебан Окон (Alpine) ги катапултираше Мик Шумахер (Haas) и Јуки Цунода (AlphaTauri), по што и двајцата уште на самиот старт ја завршија трката.

На патеката излезе безбедносно возило, а кога трката продолжи во петтиот круг, Верстапен без поголеми проблеми почна да ја зголемува предноста пред Хамилтон. Од друга страна, бранителот на титулата не можеше да се одвои од Перез на повеќе од две секунди. Иако Mercedes прв повлече потег и го повлече Британецот во боксот на замена на гумите, нивниот „судир“ не беше избегнат. Мексиканецот на десет круга пред крајот беше веднаш зад Хамилтон, кој успешно одговори на неговите обиди за напад. Перез доби нова можност во самиот финиш, но веќе едноставно немаше доволно време.

Најдобар меѓу останатите беше возачот на AlphaTauri, Пјер Гасли, кој, освен на стартот, извозе прилично мирна трка, пред дуото на Ferrari, Шарл Леклер и Карлос Саинц Џуниор. Четирикратниот светски шампион Себастијан Фетел беше седми, пред Кими Раиконен во Alfa Romeo, а листата на освојувачи на бодови ја комплетираа возачот на Alpine, Фернандо Алонсо и Ландо Норис од McLaren. Бодот за најбрз круг на оваа трка не беше доделен бидејќи до најбрзиот круг на крајот од трката стигна Валтери Ботас, кој како што веќе споменавме, не успеа да обезбеди пласман меѓу првите десет, услов за истиот да биде впишан на контото на освојувачот. Сепак доволно за истиот да не отиде на контото на Верстапен кој до два круга пред крајот го имаше најбрзиот круг во трка.

На четири трки пред крајот на сезоната (Бразил 14.11, Катар 21.11, Саудиска Арабија 05.12 и Абу Даби 12.12), Верстапен води во генералниот пласман со 312,5 бодови, 19 повеќе од Хамилтон, додека Ботас е трет со 185.

2021 Mexico City Grand Prix / Резултати:

2021 Mexico City Grand Prix / Highlights (квалификации + трка):

2021 Mexico City Grand Prix / Изјави по трката:

Макс Верстапен (Red Bull)

„Одлично е да се биде овде, особено кога тимски колега ви е Чеко. Публиката беше одлична цел викенд. Имавме голема борба во првиот свиок и се обидов што покасно да кочам и да го задржам болидот на патеката. Пројдов од трето на прво место и после тоа можев да се фокусирам на мојата трка. Има уште многу да се вози, но во моментов се изгледа добро. Сепак, работите можат брзо да се свртат во обратна насока“, изјави Верстапен, кој сега има деветнаесет бодови повеќе од Хамилтон во генералниот пласман.

Луис Хамилтон (Mercedes)

„Честитки до Макс за неговата победа. Нивниот болид беше супериорен овој викенд и не можев ништо повеќе да направам. Дадов се од себе и имав дуел со Перез на крајот и навистина сум благодарен што успеав да ја завршам трката на второто место. Серхио беше многу блиску и можеше да ме следи. Направи голем притисок и не се предаваше. Навистина уживав во таа борба“, изјави Хамилтон.

Серхио Перез (Red Bull)

„Ова е неверојатно. Сакав повеќе денес – сакав 1-2 за тимот и бевме многу блискудо тоа. Дадов се од себе. Го оставив срцето на патеката и им благодарам на сите за големата поддршка“, изјави Перез откако стана првиот Мексиканец кој се искачил на подиум на домашната трка.

https://youtu.be/gMrJqxq5m_4