Од Франција стигна најава дека најголемиот европски производител на автомобили – Volkswagen, нема да изложува на овогодинешното издание на Парискиот авто-салон

Саемот за автомобили во Париз е еден од трите најважни и најголеми настани од ваков вид на европско тло и се одржува секоја втора година во есен, наизменично со саемот за автомобили во Франкфурт.

Традиционалната изложба на автомобили во главниот град на Франција оваа година е закажана за периодот од 2 до 14 октомври, а според веб порталот Autoactu.com кој се повикува на извор од француската филијала на Volkswagen, на неа нема да биде присутен најголемиот европски автомобилски бренд.

Наместо тоа, Volkswagen најверојатно ќе одржи серија помали, индивидуални презентации во истиот период со цел да ги промовира своите нови модели.

За разлика од матичниот бренд, останатите брендови од групацијата Volkswagen ќе бидат присутни во Париз оваа есен. Ова се однесува на Škoda, Seat, Audi и Porsche, додека од Bentley и Bugatti засега нема официјална потврда за плановите за учество на Парискиот салон.

Ако оваа најава се покаже како точна, Volkswagen ќе биде осмиот производител кој ќе го прескокне Париз 2018 заедно со Ford, Infiniti, Mitsubishi, Nissan, Opel, Volvo и Mazdа.

Своето присуство сеуште не го потврдила FCA, а останатите како Citroën, Hyundai, Jaguar, Kia, Land Rover, Lexus, Mercedes-Benz, Peugeot, Renault, Smart, Suzuki и Toyota засега сигурно ќе се појават во Париз.