За разлика од претходните шест победи на Силверстон, овој пат својот успех Луис Хамилтон не можеше да го сподели со десетици илјади свои фанови, но тоа не ја намалува неговата среќа по уште еден суверен настап

Поаѓајќи од пол-позицијата, по седми пат на домашната трка, возачот на Mercedes не направи ниту еден погрешен потег и ја запиша победата број 87 во својата биографија. Драмата се случи на самиот крај на трката, кога целната линија ја помина со скината гума.

Британското гран-при, четврта трка во сезоната, на второто место го заврши Макс Верстапен во болидот на Red Bull Racing, откако Валтери Ботис остана без предната лева гума во претпоследниот круг. Третото место му припадна на Чарлс Леклерк во Ferrari.

За време на трката, видовме и двe излегувања на безбедносното возило на патеката, како резултат на излетувањата на Кевин Магнусен и Данил Квјат. Големо разочарување доживеа Нико Хулкенберг, кој не можеше ниту да стартува поради дефект на болидот на Racing Point.

И додека поголемиот дел од Европа се „пече“ на температури над 30 степени, Силверстон ги поздрави возачите и болидите на удобни 20 степени. Многумина беа склони да ја „повикуваат“ жештината, за да може барем до некаде да се наруши супериорноста на болидите на Mercedes, сценарио што остана само пуста желба.

Иако целата трка може да се оквалификува како интересна, сепак вистинските возбудувања следеа во последните кругови. Кон крајот, кога се чинеше дека Mercedes оди кон нова двојна победа, следуваа шок по шок. Прво, Ботас поради скината гума мораше да оди во бокс по што не успеа да стигне подалеку од 11. место. Иста судбина го задеси и Саинц Јуниор, кој на крајот успеа да стигне само до 13. место, откако беше петти во поголемиот дел од трката.

Пред предпоследниот круг Верстапен од втората позиција оди во боксот по сет на нови гуми за да го „брка“ најбрзиот круг во трката, за потоа во последниот круг левата гума на Хамилтон да ја доживее истата судбина како онаа на Боттас и Саинц. Британецот некако успеа да стигне до финишот со три исправни гуми, на само 5,8 секунди пред Верстапен, кој го постави најбрзиот круг на трката. Следеа Леклерк, Рикиардо и Норис.

Од целиот хаос Гасли излезе како седми, Албон стигна до осмото место, а последните две позиции што носат поени ги зазедоа Строл и Ветел.

Хамилтон од хаотичното финале на трката излезе како голем победник, бидејќи прокнижи нови 25 поени за својата трета последователна победа, додека Боттас остана со празни раце. Верстапен и Леклерк можат да бидат среќни со подиумот, а Рикиардо го постигна најдобриот резултат за Renault оваа сезона.

РЕЗУЛТАТИ

HIGLIGHTS

Веќе следната недела на Силверстон нè чека нова трка.