Австриецот последните денови ги мина во болница во Швајцарија

Трикратниот светски шампион во Formula 1, Ники Лауда веќе не е меѓу нас, соопшти неговото семејство, кое било со него во неговите последни часови. Ники Лауда почина на 70-годишна возраст.

„Со длабока тага објавуваме дека нашиот сакан Ники мирно почина опкружен од неговото семејство. Неговите успеси како спортист и претприемач нема да бидат заборавени“ – се вели во соопштението на семејството Лауда до австриските медиуми. „Тој беше неуморен, отворен и многу храбар, а тоа останува како пример и стандард за сите нас. Настрана од јавното внимание, тој беше прекрасен сопруг, татко и дедо. Многу ќе ни недостасува“.

Лауда зад себе има три светски титули во Formula 1: во 1975, 1977 и 1984. Првите две се со Ferrari, а меѓу нив е страшната несреќа во кариерата на Лауда.

Болидот на Лауда, Ferari 312B2, во вториот круг од трката излетува од патеката, се одбива назад и се врти неколку пати околу својата оска. На него налетува возачот Брет Лунгер по што болидот на Лауда е целиот во пламен. Formula 1 шампионот останува заробен 40-тина секунди во болидот, пред другите возачи да успеат да го извлечат.

Во болница пристигнува со изгореници на лицето и зглобовите, со повеќе скршени коски и оштетени бели дробови од вдишувањето на токсични гасови.

Само шест недели подоцна, со шавови на главата, Ники Лауда се враќа на патеката, стигнувајќи до четвртото место во трката за Големата награда на Италија. До крајот на сезоната сепак не успева да ја одбрани титулата која оди во рацете на големиот ривал, Џејмс Хант.

Во 1979 година Лауда става крај на кариерата во Formula  1, но во 1982 се враќа во McLaren, за да ја освои третата титула во 1984, по што во 1985 повторно го напушта спортот, за да се посвети целосно на авијацијата. Од 2012 Лауда беше директор на Mercedes и ТВ аналитичар на RTL.

Минатата година на Лауда му беше извршена трансплантација на бели дробови, а во почетокот на 2019 повторно заврши во болница поради инфекција по компликации од грип. Според австриските медиуми, во последните неколку дена Ники бил во болницата во Швајцарија поради проблеми со црниот дроб.