Formula 1: Верстапен и Red Bull со одлична тактика до победа на ГН на Франција / ВИДЕО
И покрај силниот дожд и влажните услови на патеката за време на утринските трки од пониските серии, до 15:00 часот патеката во Ле Кастелет беше доволно сува за стартот на трката за ГН на Франција. Сепак облаците и понатаму делуваа заканувачки, температурата драстично падна, а се засили и ветерот
Макс Верстапен од првата стартна позиција тргна одлично, но направи грешка при сопирањето во вториот свиок, што умешно го искористи Луис Хамилтон за да го помине и да ја преземе лидерската позиција. Зад нив немаше промени се до средината на поредокот. Норис од McLaren тргна најлошо, загуби две места, а Алонсо и Рикиардо започнаа солидно. Јуки Цунода започна од боксот. Никој не стартуваше со мека компонента на гумите.
Следуваше тројна борба за 6-то место помеѓу Саинц, Гасли и Леклерк. Возачите на Haas имаа тесна меѓусебна борба, а Мазепин беше пред Шумахер. Ботас се оддели од Перез на 4. место и со Макс и Луис се менуваа кога станува збор за најбрз круг. Во осмиот круг, Рикиардо започна да го брка Алонсо на осмото место, но одличниот Шпанец ги издржуваше нападите на рамните правци. Сепак, тоа траеше само до 12-от круг кога Алонсо видливо „остана без гуми“, и веднаш ја загуби позицијата прво од Рикиардо, а потоа и од Норис и од Фетел.
Ленс Строл се проби до 14-тото место, со оглед дека стартуваше од опашката на колоната. Типично за Британецот, Хамилтон започна со јавување преку тимското радио дека има проблеми со гумите, но и покрај тоа одржуваше две секунди предност пред Ферстапен, а Макс исто толку пред Ботас. Перез никако не успеваше да го следи темпото на водечката тројка. За разлика од други трки, овој пат и многу други возачи јавуваа дека абењето на гумите е поголемо од очекуваното. Ова го искористи Рикиардо кој го помина Леклерк (14. круг) и изби на 7. место, а Леклерк веднаш потоа замина во боксот по нови гуми (овој пат со тврда компонента).
Ботас беше првиот од водечките кој влезе во бокс (17. круг), а истот го направија и Гасли и Саинц, губејќи ги позициите од Рикиардо и Леклерк. Круг подоцна во боксот влезе и Макс Верстапен и излезе пред Ботас на третото место. Во 19. круг, во бокс влегува и водечкиот Хамилтон, но од него излегува зад Верстапен, Во тие моменти трката ја предводеше Перез, но тој сеуште немаше променето гуми. Наскоро водечката тројка беше во временска рамка од две секунди, а Луис беше многу близу до Макс, но не доволно и да го престигне..
Во 24. круг во бокс влегуваат Перез и Норис, а напредок во средината на поредокот прават Леклерк и Рикиардо. Хамилтон иако многу близу зад Верстапен, никако не успеваше да го помине, па дури на моменти се чинеше дека е поблиску до Ботас отколку до Холанџанецот, Двоецот на Aston Martin до тој момент сеуште немаше влезено во боксот со оглед на тоа дека стартуваа на тврда компонента.
Во меѓувреме имавме четворобој за 7. место, а Леклерк го пропушти Саинц на 8. место. Веднаш зад нив, дуел меѓу Норис и Гасли започна со истуркување од патеката. Ландо сепак успеа да пројде напред, а за многу кратко и пред Леклерк, кој наскоро го минува и Гасли. Неговото Ferrari очигледно имаше проблеми со гумите.
Во 32. круг, Ландо го минува и Саинц и со Рикиардо го држат седмото и осмото место, но само по еден круг Ландо го минува и Австралианецот. Напред, Хамилтон попушти во во нападите на Макс. Но, Холанѓанецот повторно влегува во бокс во 33. круг или 20 круга до крајот. Ова беше наговестено бидејќи тој го информираше тимот дека гумите нема да го издржат темпото до крајот на трката, за разлика од Хамилтон кој го извести тимот дека неговите гуми се во ред. Возачите на Aston Martin конечно во 35. (Строл), односно 38. (Фетел) се решија да влезат во бокс на замена на гумите со тврда компонента користени уште од стартот на трката.
По враќањето на патеката, Верстапен ги вози најбрзите кругови, правејќи го она што Луис му го направи во Барселона. Наскоро го стигна Перез, кој се разбира веднаш го пропушти. Гасли го мина Саинц за 8. место, а Шпанецот веднаш падна уште едно место подоле под притисок на Алонсо. На десет круга до крајот, Макс го престигна Ботас во борбата за 2. место и го започна „ловот“ на Хамилтон. Ботас поради лошата состојба на гумите е под закана и на Перез.
Валтери е лут, што јасно го искажува преку тимското радио, затоа што не бил послушан за второ влегување во боксовите. Но, очигледно требаше да му го чува грбот на Хамилтон. Во 49. круг Перез го минува Ботас и си обезбедува место на подиумот, а Макс заостануваше само 2,3 секунди зад Луис. Два круга до крајот Макс е во DRS зад Хамилтон, лесно го минува и ја обезбедува третата сезонска победа.