Возачот на Red Bull, Макс Верстапен, дојде до својата трета победа во последните три седмици откако славеше на Големата награда на Австрија, деветтата трка од годинашниот шампионат во Formula 1

Холанѓанецот на обоениот во портокалово Red Bull Ring, благодарение на неговите фанови, ја забележа 5-та сезонска победа и 15-та во кариерата. Верстапен го стори тоа на скоро идентичен начин како и пред една недела на истото место, кога славеше на Големата награда на Штаерска, водејќи од почеток до крај, но овој пат и со бод плус за најбрз круг во трка.

Второто место му припадна на Валтери Ботас со болидот на Mercedes, додека возачот на McLaren, Ландо Норис, заврши на последното скалило од подиумот, и покрај казната од пет секунди. Актуелниот шампион Луис Хамилтон, кој беше најблиску до Верстапен во поголемиот дел од трката, го зазеде четвртото место, откако значајно загуби на темпо во последната третина од трката поради оштетување на болидот.

Квалификации

Ѕвезди на саботните квалификации, заедно со секако, најбрзиот Макс Верстапен, секако беа Ландо Норис од McLaren, со одличното второ стартно место и Џорџ Расел од Williams, кој конечно влезе во третата квалификациска сесија. Во квалификациите се случи и многу непријатна ситуација во која главните улоги ги имаа ветераните и поранешни светски шампиони, Себастијан Фетел и Фернандо Алонсо, односно Фетел целосно го уништи брзиот круг на Алонсо за влез во третата квалификациска сесија и оправдано заработи казна од три места на стартот.

Тимот на Ferrari „одби“ да има каква било врска со најмеката компонента на гумите, а цената на тоа беше само 10-та и 12-та позиција на стартот. Луис Хамилтон го „прослави“ својот нов договор со Mercedes со разочарувачкото четврто место на стартот. 

Главна трка

Временските услови пред почетокот на трката беа добри за возење, бидејќи беше малку постудено во споредба со саботата. Така, температурата на воздухот беше 20 степени, а на патеката 33. Сепак, беше многу потопло на трибините, каде што австриските и холандските навивачи ја донесоа атмосферата до точка на вриење со својата подршка на Верстапен.

Од првите десет возачи на стартот, сите решија да тргнат со медиум гуми, освен Гасли, Цунода и Строл кои тргнаа го меки гуми и Карлос Саинз кој беше на тврдата компонента. Фетел исто така стартуваше со меки гуми, Раиконен со тврди, додека сите други трката ја стартуваа со средна компонента. Верстапен ја поводе колоната на стартот пред Норис и Перез, додека двајцата возачи на Mercedes беа зад нив. По неколку кривини на патеката се појави возилото за безбедност поради Естебан Окон кој остана покрај патеката со оштетено предно лево тркало во инцидентот со Антионио Џовинеци. Расел го загуби местото по стартот и падна на 12-та позиција, додека Леклерк се искачи на 10-то место. Трката продолжи во 4-от круг. Верстапен повторно силно започна, но се отвори битката за второто место помеѓу Норис и Перез. Сепак, во 4-от агол, Перез отиде прешироко, влезе во песокот, што беше причина за пад на 10-то место, а возачот на McLaren продолжи да му бега на Хамилтон.

Верстапен до 8-от круг веќе имаше три секунди предност пред Норис, додека Хамилтон и понатаму неуспешно се обидуваше да го заобиколи возачот на McLaren. Во 13-от круг Цунода беше првиот кој излезе во бокс, за нешто подоцна истото да го строи и Гасли. Фетел и Строл се бореа за петтата позиција и го предводеа „возот“ кој се протегаше до 10-то место. Леклерк ја искористи гужвата и го заобиколи Перез, по неколку обиди, Рикиардо истото го прави со Фетел, кој пак веднаш потоа замина во бокс да ги промени меките со тврди гуми. Во 20-от круг, Хамилтон успева конечно да го мине Норис кој пак во истиот момент доби известување преку радио врската дека е казнет со +5 секунди поради инцидентот со Перез. Ако се прашуваме ние, класична тркачка битка во која немаше потреба некој да биде казнет.

Во 30-от круг, Рикиардо преминува на тврди гуми, а по него истото го строи и Норис, кој го искористи застанувањето и за одработување на судиската казна. Ботас го искористи моментот и преку боксовите го мина Норис. Тој исто така премина на тврда компонента на гумите, исто како и Хамилтон круг подоцна. Следен беше Верстапен, кој по враќањето на патеката се врати на првото место пред Хамилтон, Ботас и Норис. Следни во боксовите беа Перез и Леклерк кои исто така преминаа на тврди гуми. Распоредот по направените промени Верстапен, Хамилтон, Норис, Саинз, Раиконен, Гасли, Рикиардо, Перез и Леклерк.

Се отвори битката од 6-то до 9-то место, во која учествуваа Гали, Рикиардо, Перез и Леклерк, а Мексиканецот го турна надвор од патеката Леклерк на 4-тиот свиок на ист начин како што и Норис според судиите го истурка него. И во овој случај, според наше мислење, тоа беше само тркачки инцидент без намера. Ботас почна да ја намалува разликата зад Хамилтон, аа судиите решија да го казнат Перез со +5 секунди. Во 47-от круг, истите актери имаа уште еден инцидент, кога Леклерк повторно се најде во песокот при обид да го заобиколи Перез однадвор. Два круга подоцна, Саинз за првпат влегува во бокс за промена на гумите и на патеката се враќа на средна компонента.

Во вториот дел од трката, Хамилтон пријави проблеми со гумите и дека му е оштетен задниот дел од болидот, па Ботас наскоро успеа да се најде во DRS зоната зад него. Финецот во 52-круг го поминува Хамилтон кој се повеќе губи на темпо, а Перез доби уште една казна од +5 секунди. Ситуацијата со Хамилтон ка користи и Норис и два круга подоцна и тој успеа да го помина актуелниот шампион. Хамилтон замина во боксот по нови тврди гуми и се врати на патеката на 4-то место.

Во 61-от круг Верстапен се решава на второ застанување и тврди гуми, но има доволно предност и се враќа на првото место. На крајот од трката, двоецот на Ferrari се одлучи за притисок врз Рикиардо, кој беше на 6-то место, додека борбата за 10-та позиција ја водеа Расел и Алонсо. Во 68-от круг, Алонсо успеава да го заобиколи Расел и да се најде во бодови. 

На крајот, Верстапен прв ја мина целта пред Ботас и Норис, додека Перез беше четврти но го очекуваше казна од 10 секунди. Во последниот круг Саинз успева да го помине Рикиардо за 6-то место, додека Леклерк беше осми, Гасли деветти и Алонсо на последното 10-то место кое носи еден бод. Раиконен и Фетел на крајот имаа инцидентот и завршија во песок на излезот од четвртиот свиок.

Следната трка се вози за две недели, на Силверстон, за ГН на Велика Британија. Тоа ќе биде и првата от трите трки со поинаков формат односно спринт квалификации.

По трката казнети Раиконен, Латифи и Мазепин

Како и за време на трката, така и по неа, судиите за Големата награда на Австрија имаа полни раце работа. Поради инцидентот на самиот крај на возбудливата трка, Кими Раиконен и Себастијан Фетел беа првите кои беа повикани кај судиите.

Имено, при крајот од трката, Фетел и Раиконен беа еден покрај друг на излезот од четвртиот свиок, а Финецот го „закачи“ својот поранешен тимски колега и двајцата завршија во песокот.

Иако не беа во можност да освојат поени, тоа сигурно не беше крај на трката на која се надеваа. По прегледување на снимките и изјавите од двајцата возачи, судиите решија да го казнат Раиконен со пенал „возење низ“, а бидејќи трката веќе беше завршена, тие едноставно додадоа 20 секунди на конечниот резултат на Финецот.

Тој инцидентот донесе дополнителни осум возачи под истрага (Перез, Саинц, Леклерк, Латифи, Мазепин, Џовинаци, Рикиардо и Гасли), сите за кршење на правилото на двојно жолто знаме на патеката.

Сепак, по прегледување на снимките и распит на сите возачи, судиите одлучија дека само Никола Латифи и Никита Мазепин ја заслужуваат казната за непочитување на правилата и забрзување во секторот на патеката каде што се случил инцидент.

Тие добија stop-go казна од 10 секунди, а бидејќи казната беше изречена по завршувањето на трката, таа беше претворена во 30 секунди на крајното време на возачите. 

2021 Austrian Grand Prix / Резултати

2021 Austrian Grand Prix / Race Highlights