Formula 1: McLaren разочаран од Рикиардо
Британскиот тим оваа сезона донесе возач од кој се очекуваше да биде предводник на тимот, но Ландо Норис му ја украде славата
McLaren релативно лесно го ослободи Карлос Саинц кон крајот на 2020 година, но тие исто така го потресоа пазарот за возачи со доведувањето на Даниел Рикиардо, кој возеше одлично за екипата на Renault. Многумина веруваа дека преселбата во McLaren ќе го направи Рикиардo уште посилен, но тоа засега не е случај.
Тимскиот шеф Андреас Сеидл во интервју за германскиот RTL открива дека тимот се соочува со големи предизвици кога е во прашање Австралиецот.
„Мислам дека не очекуваше дека ќе биде толку тешко за него да ја смени екипата. Тој е целосно разочаран, но и ние. Очекувавме да биде побрз. Сепак, убеден сум дека во одреден момент ќе ја достигнеме посакуваната форма со него“, вели Сеидл.
Од друга страна, Ландо Норис функционира совршено во својата трета сезона во Formula 1.
„Лично, не верувам дека можете да бидете комплетен возач во Formula 1 во третата година, но неговиот напредок е неверојатен. Одлично е да се види како се разви во болидот, но и како созрева како маж. Тој има само 21 година, цврсто е на земја со двете нозе и е вистински тимски играч“, вели Сеидл.
Норис во моментов е на четвртото место во шампионатот за возачи со 101 поен, додека Рикиардо досега од ист број трки има собрано само 40 поени.